1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за економија годинава во американски раце

16 октомври 2007

Кралската шведска академија на нуките големото признание му го додели на Леонид Харвич и неговите колеги Ерик Мескин и Роџер Мајерсон.

https://p.dw.com/p/BrNF
Тројцата добитнициФотографија: AP

Кој мислеше дека речиси 88 годишната писателка Дорис Лесинг ќе биде најстара добитничка на нобеловата награда за 2007 се измами. Имено 90 годишниот економист Леонид Харвич е најстариот добитник во историјата на нобеловата награда која се доделува од 1901 година. Харвич, кој инаку е роден во Москва пред да замине во пензија бил професор на универзитетот во Минесота.

Харвич ја доби наградата заедно со двајцата колеги, Роџер Мајерсон и Ерик Мескин. Мескин изјави дека е посебно радосен што најголемото признание конечно го добива неговиот ментор:

“ Многумина од нас со години се надеваа дека тој ќе биде награден, за мене е голема чест да ја делам наградата со него“

Инаку тројцата американци ја добија наградата за придонесот во истражувањето на тн оптимални механизми. Како што соопшти кралската академија на науките станува збор за механизми со чија помош може да се остварат одредени економско политички цели. На пример социјална состојба или приватна добивка. Теоријата на таканаречениот механички дизајн ја доработија Мескин и Маерсон. Теоријата овозможува да се прави разлика за тоа дали еден пазар функционира или не. Овој дел спаѓа во истражувачкото поле на теоријата на игра и се обидува да истражи што се случува на пазарот доколку сите учесници немаат пристап до сите информации.

Во секојдневието пазарната состојба не е секогаш реална. Продавачите ги кријат информациите, а купувачите не се во состојба да дојдат до нив. Ваквата ситуација може да се спореди со аукција, каде сите учесници сакаат некој производ, но глумат незаинтересираност за да не платат превисока цена.

Инаку Мескин не можеше да каже дали тројцата добитници ќе се појават заедно на церемонијата на доделувањето на наградата на 10 декември во Стокхолм. Тој беше многу радосен:

“ Ова е како добивка на лото. Купуваш еден лоз и се надеваш дека имаш мала шанса, но истовремено знаеш дека има многу конкуренти. Токму во економијата има толку многу веројатни добитници, така што секој од нас има можност за добивка еден на милион“

Сепак шансите за добивка се поголеми доколку човек доаѓа од САД. Имено две третини од досегашните добитници на нобеловата награда за економија се од оваа земја. Единствениот германец кој ја добил оваа награда е Рајнхард Зелтен економист од Бон.