Нимиц ги продолжува разговорите во Скопје
7 јули 2009Медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц, денеска (07.07.09) ќе се сретне со македонскиот премиер Никола Груевски. Напладне се очекува премиерот Никола Груевски и посредникот на ОН Метју Нимиц да одржат заедничка прес-конференција. Со таков потег македонската влада сака да ја менифестира подготвеноста за наоѓање компромис за спорот околу името. Медијаторот ќе има одделна средба и со претседателот Ѓорге Иванов. Синоќа, американскиот дипломат Нимиц, час и половина разговараше со македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и преговарачот, амбасадорот Зоран Јолевски. Потоа Нимиц најави дека денеска ќе открие што донел во Скопје и Атина.
Нимиц при посетата најверојатно ја тестира подготвеноста на официјално Скопје за прифаќање на името „Република Северна Македонија“ во меѓународна комуникација. Не е исклучено да се употребува и придавката „северно-македонски“ и за именување на народот и јазикот. Воопшто не е случајна ниту пораката од Стејт департментот, преговорите да се фокусираат и на прашањето за македонскиот идентитет, што е спротивно на претходните најави од Вашингтон, дека грчко-македонските преговори треба да се водат само за надминување на разликите околу името.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Александра Трајковска