1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

ДТЗ
13 декември 2021

Последните сигнали коишто пристигнуваат од Брисел се дека во Унијата сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, на кој ќе се разгледува и спорот меѓу Скопје и Софија.

https://p.dw.com/p/44CBA
Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Government of RNM

Има ли надеж за изнаоѓање решение меѓу Северна Македонија и Бугарија во последен момент и отпочнување на преговорите на Европската Унија со Скопје и Тирана пред 31 декември? Последните сигнали коишто пристигнуваат од Брисел се дека во Унијата сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, на кој меѓу другите точки - на агендата е и спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Според дипломати во Брисел, несогласувања има и околу Турција и Босна и Херцеговина. 

Како што објави агенцијата МИА, доколку Софија остане на блокадата на нацрт-заклучоците за Западен Балкан, Словенија ќе објави список на земјите кој е за, а кој блокира. Софија на состанокот минатата недела инсистирала дека Северна Македонија „не ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите“, став кој не добил поддршка од другите 26 земји членки, ниту од Европската комисија. 

Нема одвојување на Македонија и Албанија 

Опцијата за одвојување на Албанија и Северна Македонија е надвор од игра, бидејќи нема поддршка таквата идеја. Според дипломатите присутни на разговорите на амбасадорско ниво, Бугарија се буни за повеќе формалности во заклучоците за Северна Македонија. Една проблематична точка за Бугарија е употребата на „долгото име“ – Република Северна Македонија, на што инсистира Софија.

Bulgarien | Kiril Petkov
Кирил ПетковФотографија: BGNES

Нацрт-заклучоците на словенечкото претседателство го користат долгото име на сите земји од проширувањето во воведниот дел, потоа во остатокот од текстот се користи краткото име за сите (Северна Македонија, Србија, Албанија, итн.). Софија сака секаде да стои Република Северна Македонија, што е исто така неприфатливо за мнозинството земји членки. Се очекува краен компромис да биде употребата на долгото име за сите земји и во целиот текст, но не само за Северна Македонија, велат дипломатите.

Крупно барање на Бугарија е да се вметне повторно реченицата за почитувањето на Договорот за пријателство, како експлицитен дел од процесот на проширување за Северна Македонија. Иако билатералните договори се секогаш споменати во овие заклучоци, за мнозинството земји-членки на ЕУ е неприфатливо тоа да биде вклучено како специфичен дел во преговорите за Северна Македонија, бидејќи е голем ризикот со тоа да се создаде преседан и да се билатерализира целиот процес на проширување, што е спротивно на духот на новата методологија за претпристапни преговори на ЕУ.

Софија има проблем и со временската одредница која е вклучена во нацрт- заклучоците. Имено, словенечкото претседателство смета дека во заклучоците треба да стои „преговори со Северна Македонија и Албанија оваа година“.

Министрите за европски прашања утре се очекува да разговараат со цел постигнување компромис за конечните заклучоци пред Самитот на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок. Доколку повторно нема заклучоци и словенечкото претседателство одлучи да поднесе само свои заклучоци со поддршка на одделни земји, Бугарија би можела да биде изолирана ако сите други 26 земји членки на ЕУ се потпишат на заклучоците на претседателството.

Очекувања од новата бугарска влада

Во Софија денеска се одржува седница на Националното собрание на која ќе се избира премиер на Бугарија и ќе се гласа за предложениот состав на новата коалициска влада. Идниот премиер Кирил Петков, порача дека добрососедството со Република Северна Македонија бара огромна посветеност, поради што ја предложи Теодора Генчовска за министер за надворешни работи.

„Треба да бидеме конструктивен партнер во ЕУ и НАТО. Да се ​​бориме за превласт на правото и тој да биде поврзан со европските фондови. Силата на дипломатијата и мирното решавање треба да бидат бугарски приоритет. Огромен ангажман треба да биде добрососедството со Република Северна Македонија“, рече тој.

Петков минатата недела, на новинарско прашање околу позицијата на Бугарија кон Северна Македонија, кажа дека таа останува иста, но вели дека  двете земји можат многу да добијат од добрососедството и тоа треба да се направи врз основа на добра комуникација и доста работа.

-повеќе на темата: Бучковски за ДВ: Ќе влеземе во нова неизвесност ако сега не се договориме со Софија!

„Не сакаме да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, сакаме да седнеме заедно, тимови од различни сфери да работат и да одиме кон добрососедство. Но, истовремено ќе ги браниме и бугарските национални интереси“, порача Петков.

Bujar Osmani
Бујар ОсманиФотографија: Anila Shuka/DW

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, деновиве испрати порака дека не очекува да се случи раздвојување на Албанија и Северна Македонија на европскиот самит во декември на кој повторно ќе се разгледува дали двете земји ќе почнат преговори со Европската Унија. „Се надевам дека сериозно ќе се разгледаат последиците од ова одложување, од ова неефектуирање на сопствените одлуки од страна на ЕУ, што значително ќе влијае на довербата на самата Унија во регионот и ќе доведе до ситуација и двете држави да почнат најдоцна во јануари со преговорите“, рече Османи.