1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Набљудувачите на ЕУ се сомневаат во победата на Карзаи

17 септември 2009

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара расветлување на евентуалните манипулации на изборите во Авганистан. Набљудувачката мисија на ЕУ смета дека 1,5 милиони гласови се лажирани.

https://p.dw.com/p/JiYc
Претставниците на ЕУ на прес-конференција во КабулФотографија: DW

Изборната комисија во Авганистан изминативе недели делумно ги објавуваше резултатите од изборите. Сега, конечно, резулатот е познат - Хамид Карзаи има јасна предност. Како што објави Комисијата во Кабул, по пребројувањето на гласовите од сите избирачки места, актуелниот претседател освоил 54,6 проценти. Според овој резултат, Карзаи би одбегнал соочување со најголемиот противкандидат, Абдула Абдула во втор круг гласање. Но, и овојпат се работи за привремен краен резултат, предупреди шефот на набљудувачката мисија на ЕУ во Авганистан Филип Моријон: „Секој обид да се припише победата би бил неверодостоен и предвремен.“

Wahl Afghanistan 2009 Frau mit Kind an Wahlurne
Лажирани 1,5 милион гласови?Фотографија: DW

ЕУ вели дека проблематични се 1,5 милиони гласови

Имено, сега кога изборната комисија го објави резултатот, сите очи се вперени кон друго тело: независната комисија за поднесување жалби, која е поддржувана од ОН. Таа има мандат да ги разреши спорните случаи и обвинувањата за изборна измама. Набљудувачката мисија на ЕУ сега излезе со отрезнувачко признание: „Се обидовме да предупредиме дека се можни изборни измами. Не успеавме во тоа.“ Затоа шефот на европската мисија, Моријон, смета дека не е добра постапката на изборната комисија да го објави привремениот резултат:

„Ова создава збунетост. Уште од почетокот беше планирано, официјалниот краен резултат да биде објавен кога комисијата за поплаки ќе ја заврши работата.“

Според набљудувачите на ЕУ, проблематични се околу 1,5 милиони гласови. Тоа би било повеќе од секој четврти глас. „Факт е дека во провинциите, каде што немаше набљудувачи на изборните места, гласачките кутии беа полнети со фалсификувани гласачки ливчиња“, вели Моријон.

Hamid Karsai warnt Pakistan vor Angriffen
Хамид Карзаи ги отфрла обвинувањатаФотографија: AP

Пребројување на 10 проценти од гласовите

Изборниот тим на претседателот Карзаи веќе ги отфрли обвинувањата на ЕУ, нарекувајќи ги еднострани, неодговорни и противуставни. Расветлувањето на случајот сега е во авганистански раце. Комисијата за поплаки веќе нареди пребројување на десет проценти од изборните места. Оваа постапка најверојатно ќе трае повеќе недели, по што граѓаните ќе знаат кој ќе биде нивниот нов претседател.

Автор: Каи Кистнер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска