1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Могерини: Не си играјте со оган!

Марина Максимовиќ | БГ
6 март 2017

Нови пораки до претседателот Иванов и водечките политичари во Македонија по состанокот на шефовите на дипломатии на ЕУ во Брисел. Се бара почитување на демократските принципи и институционално решавање на кризата

https://p.dw.com/p/2Yk68
Deutschland Münchner Sicherheitskonferenz 2017 Federica Mogherini
Фотографија: Reuters/M. Rehle

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини вели дека е загрижена поради состојбата во Македонија, но гледа и шанса за надминување на кризата. Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Могерини рече дека не смее да се дозволи кризата да прерасне во меѓуетничка. 
„Она со што се соочува Скопје е политичка и институционална криза, која сум загрижена да не се претвори во меѓуетничка криза“, рече Могерини. Таа им порача на македонските политичари да не ги разгоруваат дополнително страстите. 
„Да не си играат со оган и меѓуетничка конфронтација, што ќе ја повлече земјата. Има инструменти за решение, како што е мудрост на претседателот, капацитетот на парламентот да продолжи со избор на спикер и деблокирање на состојбата за институционалната и политичка криза да се менаџира со инструментите што ги има Скопје, без мешање“, рече Могерини.

„Несреќна“ платформа 
Таа одби да ги коментира ставовите на другите министри присутни на состанокот. Унгарскиот Петер Сијарто најави дека ќе го проблематизира усвојувањето на албанската платформа во Тирана, и тоа прашање било споменато на состанокот како што потврди и шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак, оценувајќи ја истата како „несреќна“,
„Нестандардно е и несреќно кога некој однадвор се меша затоа што формирањето влада е во рацете на домашните политичари. Тоа само дополнително ги искомпликува работите“, рече Лајчак.

За состојбата на Западниот Балкан и во Македонија повторно ќе се дискутира на самитот на лидерите на ЕУ кој започнува во четврток. За разлика од денешниот состанок од него треба да произлезат и заклучоци. 
Пред почетокот на денешната средба и шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс изјави дека постои „голема загриженост“ за состојбата во Македонија. „Сметам дека постои парламентарно мнозинство и дека Македонците треба да одлучат за тоа. Ние сме загрижени поради вербалната агресија во земјата. Мислам дека нештата мора да се решат на мирен начин и ги повикувам сите партии да го сторат тоа на мирен и демократски начин“, рече Кундерс.