1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кундерс: Многу сме загрижени поради состојбата во Македонија

БГ
6 март 2017

Шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс во пресрет на состанокот во Брисел побара смирување на тензиите и почитување на парламентарното мнозинство во Македонија. ЕУ да покаже единство, бара тој

https://p.dw.com/p/2YhXn
Bert Koenders Außenminister Niederlande
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Florian

Голема е загриженоста поради состојбата во Македонија, изјави Кундерс пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи и одбрана во Брисел, на кој една од точките на дневниот ред е и политичката криза во земјата. Пред министрите ќе реферира шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која минатата недела беше во повеќедневна посета на регионот.

„Сметам дека мора да постои почитување на парламентарното мнозинство и мора да се нагласи важноста на тоа нештата да се одвиваат без вербална агресија во земјата. Тоа мора да биде решение донесено во самата Македонија. Отворени сме за натамошно движење на Македонија кон ЕУ и НАТО, но ова мора да се реши на мирен начин“, рече Кундерс. 

На новинарско прашање, тој одби да ги коментира позициите на ВМРО-ДПМНЕ, но порача дека е загрижен поради вербалната агресија во земјата.
„Сметам дека постои парламентарно мнозинство и дека Македонците треба да одлучат за тоа. Ние сме загрижени поради вербалната агресија во земјата. Мислам дека нештата мора да се решат на мирен начин и ги повикувам сите партии да го сторат тоа на мирен и демократски начин.“ 

Federica Mogherini sprach im serbischen Parlament über die europäische Integration
Могерини ќе ги информира министрите за нејзината посета на земјите од Западниот БалканФотографија: picture alliance/PIXSELL/S. Ilic

Во однос на можните идни чекори на ЕУ, шефот на холандската дипломатија вели дека денеска за тоа ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи и одбрана во Брисел. Од министрите на земјите-членки на ЕУ тој побара единство во однос на ставот кон кризата во Македонија.

„Важно е ЕУ да покаже единство во барањето Македонија да ги почитува демократските принципи, парламентарното мнозинство и мирното решение на кризата“.

Могерини, во изјава за новинарите, оцени дека состојбата на Западниот Балкан е „тензична и регионот е изложен на предизвиците на внатрешен, регионален и глобален план“. Таа смета дека на регионот му е потребна силна и уверлива поддршка на ЕУ за интеграцијата на овие земји. Истата порака, Могерини најавува дека ќе им ја пренесе и на шефовите на држави и влади на ЕУ на самитот кој започнува во четврток.