140610 Merkel Sarkozy
15 јуни 2010Никола Саркози, всушност, сакаше да дојде во Берлин уште пред една недела, но средбата беше откажана кратко пред неговото доаѓање. Причина беа несогласувањата меѓу Меркел и Саркози околу европската финансиска политика. Меѓутоа, вчера попладне (14.06.2010) во кабинетот на канцеларката во Берлин беа „испеглани“ најголемиот дел од несогласувањата. На претстојниот самит на ЕУ во Брисел, Франција и Германија сакаат да се претстават како мотор на ЕУ, а не како блокада. Саркози откри дека преговорите со канцеларката не биле едноставни, но дека, сепак, на крајот и двајцата се задоволни:
„Благодарам драг Никола, што денеска си овде кај нас. Сметам дека Германија и Франција на овој начин покажаа дека се делотворни и дека сакаат да ја креираат иднината на Европа“, рече канцеларката Меркел.
„Економска влада“
Компромисот гласи: сите 27 земји-членки на ЕУ треба во иднина подобро да ја координираат економската политика, а не само 16 земји од еврозоната, како што предлагаше Саркози. Тој дури сакаше да се формира секретаријат за ваквата т.н. економска влада, меѓутоа овој предлог не помина кај Меркел. Канцеларката го презема само терминот на Саркози.
„Франција го предложи терминот ’Економска влада’ и јас со задоволство се согласив со него. Сите 27 земји-членки, бидејќи сакаме да избегнеме поделба на внатрешниот пазар, ќе бидат дел од оваа влада. Тоа не значи дека ќе се формираат нови институции, меѓутоа во итни ситуации мора да се реагира флексибилно и прагматично, како што рече и францускиот претседател.“
Советувања меѓу земјите на еврозоната
Прагматичниот дел се состои во тоа што по потреба, 16 земји од еврозоната ќе можат по кратка постапка да се соберат и дискутираат, доколку тоа е прекомплицирано во рамки на сите 27. Кризата во Грција ја покажа неопходноста од ваква постапка. Саркози истакна дека е задоволен од компромисот, иако во Париз засега нема да се основа нова европска институција, како противтежа на Европската централна банка.
„И двајцата си излеговме во пресрет со барањата. Европа чекаше Германија и Франција да се усогласат околу последиците што ќе се извлечат од кризата“, рече францускиот претседател вчера во Берлин.
Тука спаѓа и заедничкиот предлог, да се создадат механизми за санкционирање на оние земји од ЕУ, чии државни буџети не се во согласност со прописите на Унијата. Меркел и Саркози размислуваат за одземање на правото на глас на овие држави, меѓутоа дали за оваа цел треба да се променат постоечките договори на ЕУ, ќе се разговара на самитот во Брисел.
Автор: Нина Веркхојзер/ Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска