Медијаторот Нимиц во Македонија
6 јули 2009Специјалниот посредник на Обединетите нации во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц денеска (06.07.09) ќе пристигне во Скопје. Предвидено е Нимиц да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
По Скопје, Нимиц ќе отпатува за Атина, каде ќе биде примен од министерката за надворешни работи Дора Бакојани и од преговарачот Адемантиос Василакис, јавуваат грчките медиуми.
Реакција на МАНУ
Во Скопје не стивнуваат реакциите во научните кругови. МАНУ со соопштение минатата недела одговори на група американско-канадски историчари, кои од претседателот Обама побараа да ја преиспита одлуката за признавање на Македонија под уставното име. Македонија и македонскиот јазик се реалност и никој не може да го ускрати правото на самоопределување, напишаа македонските академици.
Автор: АТ/АЧ/миа