1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија полага нов тест за демократија

Зоран Јордановски 20 март 2009

Последен ден од кампањата на кандидатите за претседател на Македонија и состав на локалните власти. Ноќеска на полноќ стапува на сила изборен молк, кој ќе трае до крајот на гласањето во недела, 22 март.

https://p.dw.com/p/HFbj
Фотографија: DW

Македонија в недела ќе избира, но пред се’ ќе полага поправен испит на тестот на зрелоста на нејзината демократија, оти на минатогодишните предвремени парламентарни избори доживеа дебакл. Еден загинат, осуммина ранети, повеќе оружени инциденти на избирачките места - таквиот изборен биланс уште повеќе ја оддалечи балканската земја од нејзината цел - интеграција во НАТО и ЕУ.

„Апсолутно е важно изборите да бидат фер и демократски, да се покаже демократски капацитет. Судбината на два милиона граѓани е во нашите раце и не смееме да си играме со судбината и со иднината на Македонија“, рече за Дојче веле екс-министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски, поранешен - во меѓувреме ослободен затвореник на Хашкиот трибунал и сегашен независен претседателски кандидат.

Голем број меѓународни набљудувачи

Со оглед на минатогодишните искуства, неделните избори ќе бидат дотолку повнимателно набљудувани од повеќе стотици претставници на меѓународната заедница. Македонија веќе пет години има кандидатски статус; од претстојните избори можеби пресудно ќе зависи дали до крајот на годинава ќе добие и термин за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Прв чекор треба да биде укинувањето на визи за патување на македонски граѓани во земјите на Унијата. Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, претседателски кандидат на опозиционите социјалдемократи, предупредува: „Половина од народот, ми се чини, има странски пасош. Тоа е страотна опасност за земјата, за македонскиот дел од приказната во изолација“.

Спорот околу името една од главните теми

Wahlen in Mazedonien die drei Präsidentschaftskandidaten Ivanov, Boskovski und Frckoski
Претседателските кандидати Фрчкоски, Иванов и БошковскиФотографија: Petr Stojanovski

Втора главна изборна тема е грчко-македонскиот спор околу името на државата. Тој спор стана непремостлива пречка за влез на Македонија во НАТО, но, очигледно и за членство во ЕУ. Опозицијата е за компромисно решение, владејачката национал-конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ зазема понепопустлив став. Нејзиниот претседателски кандидат (иако не и член на партијата, за разлика од Бошковски, кој е член, но настапува како независен кандидат), универзитетскиот професор Ѓорге Иванов, на кого му се припишуваат надобри изгледи во изборната трка, сепак најавува дека би инсистирал на средба со грчкиот претседател, за да се прати сигнал на добра волја. Конкретен предлог како би изгледало можното решение, не нуди ниеден од кандидатите.

Каков однос кон балканското соседство може да се очекува од идниот претседател?

Доколку тоа би бил Иванов, тој има ваков концепт: „Досега кон соседите имавме однос што го дефиниравме како еквидистанца, значи еднаква оддалеченост од сите. Јас промовирам концепт на еднаква отвореност и блискост со сите“.

Инаку, митинзите, во споредба со порано, се послабо посетени, кампањата е без сјај, а кандидатите нудат воопштени фрази и неконкретни ветувања. Премиера е дека има дури 7 кандидати за шеф на државата. Тројца од нив се етнички Албанци. „Тоа е демократска зрелост“, констатира Агрон Буџаку, кандидат на Демократската унија за интеграција, партија од владината коалиција.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Претседателскот кандидат Имер СелманиФотографија: DW / Stojanovski

Политичарот и бизнисмен Имер Селмани, кандидат и лидер на партијата Нова демократија, со одмерен настап и умерени зборови ја освои довербата и на дел од етничките Македонци и не е без изгледи да се најде во вториот изборен круг, оти малку е веројатно дека веќе в недела ќе падне одлука. Во јавноста веќе стануваше збор за „македонски Обама“. Самиот тој вели: „Со самиот факт дека добар дел од граѓаните - етнички Македонци уште во кампањата се изјасни дека ќе ме поддржи, феноменот Обама е веќе тука. Значи, ги надминуваме етничките бариери, што е многу битно за нашата држава и што е многу битен индикатор за нашата демократска зрелост“.

За претседателската функција првпат се кандидира жена

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Првата жена кандидат за претседател во Македонија, Мируше ХоџаФотографија: DW / Stojanovski

Најзанимливо на овие претседателски избори, сепак, е што прв пат се кандидира и една жена, згора на тоа уште и етничка Албанка. Мируше Хоџа, универзитетски професор со две докторски титули, кандидат на Демократската партија на Албанците, е свесна дека уште не е созреано времето жена да застане на чело на државата, но таа смета на долготраен ефект од нејзината кандидатура. „Веќе со самото тоа, што се појавувам на политичката сцена во улога, во која жена, посебно Албанка, но и македонска жена исто така, никогаш не била застапена, многу влијае врз потсвеста на сите индивидуи. Но, јас не запирам тука. Го направив овој прв чекор, сега треба да се обидеме сите колективно понатаму да ја развиваме самодовербата кај жените“.

На Македонија и се потребни стабилни меѓуетнички односи

Клуч за внатрешниот мир и кохезијата на македонското општество, истакнуваат сите кандидат, се стабилни меѓунационани односи. „Охридскиот рамковен договор им обезбедува место на сите етнички заедници во Република Македонија“, нагласува Имер Селмани. Со Договорот му беше ставен крај на конфликтот од 2001 година, кој се закануваше да се развие во граѓанска војна.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Кандидатот поддржан од ЛДП Нано РужинФотографија: DW / Stojanovski

На Македонија, во секој случај, и’ се потребни промени, смета успешниот дипломат Нано Ружин, кој настапува независно, но ја има подршката од либерал-демократите. „На Македонија и’ треба не само нов политичар, со нови сваќања, политичар кој обединува, кој е искрен, туку исто така и нова политичка клима, нова политичка култура на размислување“, вели Ружин.

Кандидатите за претседател им ветуваат на граѓаните подобар живот преку стопански развој и привлекување странски инвестиции. Ништо ново. Но, реалноста е под белегот на најновите аларматни показатели: нема работа за стопанството, индустриското производство во февруари забележи пад од 16,7 насто во однос на истио месец лани, невработеноста изнесува 34 проценти. Но, стопанските проблеми и онака се во надлежност на владата, а не на претседателот на државата.