1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Литванија ѝ стави рампа на Србија во ЕУ

БГ
31 јули 2018

Литванија го блокирала отворањето на Поглавјето 31 кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Србија. Вилнус е незадоволен поради тесните врски на Белград со Москва.

https://p.dw.com/p/32NTd
Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Фотографија: AP/Montage DW

Србија нема да успее до крајот на годинава да го отвори поглавјето 31 во преговорите за членство со ЕУ, откако Литванија стави рампа наведувајќи ги врските на Белград со Москва.

„Процедурата на преговорите е таква што доколку до половината на тековната година знаете дека не е усвоен извештајот, тогаш е јасно дека тоа тешко може да се отвори до крајот на годината“, изјави српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ за весникот „Новости“.

„Поглавјето 31 вообичаено не е премногу тешко, но откако меѓународните односи се закомпликуваа и самите држави на ЕУ мораа да се усогласуваат за да постигнат консензус околу некои прашања, а донекаде се изменети и очекувањата на одредени членки кон кандидатите“, изјави Јоксимовиќ. Таа не сакаше да коментира дали Литванија е единствениот противник меѓу 28-те земји-членки на ЕУ на отворањето на ова поглавје.

„Треба да се разбере дека во оценката на секое прашање од значење за надворешната и безбедносната политика, членките поаѓаат од сопствените национални интереси и дека со консензусот го подигнуваат на ниво на заедничка политика на ЕУ. Од земјите кандидати се очекува усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ да се постигнува постепено до членството“, вели Јоксимовиќ.

Литванската претседателка Далиа Грибауските во мај годинава при нејзината официјална посета на Белград ги предупреди српските власти дека треба да ја усогласат својата позиција кон Русија со онаа на ЕУ.
„Иднината на Србија како дел од ЕУ ќе зависи од нејзините напори и политичка одлучност да зачекорат во иста насока со Европа“, порача тогаш Грибауските.

Литванија ѝ забележува на Србија поради тоа што земјата не се приклучи кон ЕУ санкциите кон Русија по анексијата на украинскиот полуостров Крим. Дополнително, нелагодност во Вилнус предизвикува и српското учество во заедничките годишни воени вежби „Словенско братство“ заедно со Русија и Белорусија.