И во време на криза останува вербата во подобро утре
12 април 2009Камбаните одзвонуваа низ католичките цркви ширум Македонија за да ја објават радостната вест – воскресувањето на Исус. Во катедралата Срце исусово во Скопје се одржа традиционалната полноќна велигденска миса. Скопскиот бискупот им посака на верниците среќен празник.
„Христосовото воскресение е неизмерен дар на безграничната Божја љубов кон нас луѓето. Ако вистински го живееме Велигден, тогаш и многумина ќе можат преку нас вистински да го доживеат“, вели Киро Стојанов, бискуп Скопски и Апостолски егзарх.
Надеж во подобро утре
Овој ден е во знакот на празнично расположение, убава мисла и позитивни пораки. Дали и во услови на економска криза луѓето на Велигден чуствуваат радост, верба и надеж?
„Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос е доволен повод за оптимизам која кажува дека животот никогаш не замрува и секогаш имаме надеж дека се ќе биде подобро и ќе живееме онака како што посакуваме,“ вели овој верник.
Празник на семејството
Католичката заедница во Македонија е една од помалубројните, но не се чуствува запоставена.
„Нема големи и мали, католичката вера е една во целиот свет и најубав пример е тоа што католиците од цел свет се католици каде и да живеат. Така што не е се чуствуваме како мала верска заедница“, изјави Антон Серечи еден од домаќините на синоќешната велигденска миса во скопската катедрала.
Меѓу гостите на мисата имаше и православни верници коишто дојдоа да се запознаат со обичаите на оваа црква. Меѓу нив беше и претседателот на собранието, Трајко Вељановски, а мисата ја следеа и амбасадорите на САД, Филип Рикер и на Германија, Улрике Кноц.
Празнувањето продолжува и денеска. Ова е празник на семејството. Сите се собираат на традиционален велигденски ручек, а на трпезата треба да има јагне и вапцани јајца. Јагнето ја симболизира жртвата Исусова, распетието за човековите гревови, а јајцето го симболизира Исусовото воскресение
Автор: Горан Петрески/Невена Георгиевски
Редактор: Невена Георгиевски