Ив Летерм за ДВ: Не жалам поради укинувањето на визите
11 март 2010Кои гаранции ги добивте од македонската влада за спречување на бранот на емигранти, кои конкретни мерки Ви беа ветени?
Летерм: Како со македонската, така и со српската влада вложивме напор во засегнатите региони за да им ставиме на знаење на граѓаните дека нема никаков смисол да емигрираат кон Белгија за да останат таму и дека барањата за азил нема никаква шанса да бидат исполнети. Второ, со засегнатите влади се договоривме за враќање на луѓето и за нивната реадмисија од страна на надлежните власти. Значи напорот е двоен – сензибилизација на населението и обврска за враѓање на српските и македонските граѓани од страна на властите.
Дали сте уврени дека овој бран ќе се намали во наредните месеци и дека нема да има потреба да се навраќаме на овој проблем, дека владите ќе работат на терен со населението?
Летерм: Да, мислам дека ги имаме и првите резултати. Има голем пад на бројот на барања за азил. Бројот за Србија и Македонија е паднат речиси на нула, ќе внимаваме како еволуираат бројките, ако има потреба ќе сториме нешто. Но, мислам дека работите се јасни како за Србите, така и за Македонците - нивната иднина не е во Белгија и немаат корист од барање политички азил, а притоа не треба да дозволат да бидат манипулирани од злонамерни луѓе кои сакаат да ја искористат нивната тешка економска ситуација.
Дали Белгија е подготвена да и‘ помогне на Македонија на економски план, преку инвестиции на пример?
Летерм: Ние во овој момент потпишуваме договори за заштита на инвестициите. Во Приштина вчера потпишав ваков договор за заштита на инвестициите. Белгискиот приватен сектор е заинтересиран да инвестира во овој регион кој се наоѓа на самиот почеток на својот економски развој и каде куповната моќ допрва ќе расте. Тоа ќе пружи многу економски прилики. Ми се чини дека ова е најдобрата гаранција да се организира економијата таму - да има повеќе работни места и поголем просперитет.
Дали жалите за одлуката за визна либерализација за Македонија, Србија и Црна Гора, сега откако се случи оваа епизода?
Летерм: Не, воопшто, мислам дека вокацијата и иднината на овие земји е во Европската унија, во европската интеграција. Укинувањето на визите е важен чекор, не жалам за тоа, но ова искуство ни‘ покажува дека оваа одлука треба да биде добро подготвена, но и придружувана од други мерки.
Последно прашање се однесува на претстојното белгиско претседателство со Европската унија. Дали Балканот ќе биде приоритет за вас?
Летерм: Да, мислам дека досието “проширување“ – Исланд, Турција, но пред се‘ Балканот, е едно од приоритетните досиеја. Гледам дека за време на белгиското претседателство ќе треба да преземеме чекори за Хрватска и за Црна Гора.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска