1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договори и Уговори

17 септември 2020

Последната вест за барањата од соседна Бугарија би заслужила да биде окарактеризирана како гром од ведро небо, да не беа облаците кои со месеци, години лебдеа преку Деве Баир. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3icRp
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Тешките времиња создаваат цврсти луѓе. Цврсти луѓе создаваат добри времиња. Добрите времиња создаваат слабаци. Слабаците создаваат тешки времиња. Така Џ. Мајкл Хоф во постапокалиптичниот роман  „Преостанатите” ги заокружува историските циклуси на подеми и падови на човекот и/или човештвото. Домашната балканска мудрост, скромна на зборови и изнудено претпазлива, тоа го сумира преку поговорката „во секое добро – зло, од секое зло – добро'. Првиот практично дескриптивен пристап на мотивација и вториот филозофски суфизам на издржливост се податливи илустрации за сегашната бестежинска состојба во која се наоѓаме, заглавени среде неисполнетите ветувања и недефинирани очекувања.

Последната вест за барањата од соседна Бугарија би заслужила да биде окарактеризирана како гром од ведро небо, да не беа облаците кои со месеци, години лебдеа преку Деве Баир. Бидна така, случајно, таа вест да се објави во ист ден кога Урсула Гертруд фон дер Лајен ќе ја сумира политиката на Брисел кон регионот наш во една блазирана реченица дека „Западниот Балкан и припаѓа на ЕУ”. Формулација која чинам дека е повеќе вперена како сопственичка, предупредувачка привилегија кон Русија, Турција, Кина, отколку како поттик и куражење на западнобалканците да продолжат да се влечкаат на стогодишниот пат кон Европа. И на крај, добрата вест од Атина е што Заев и Мицотакис се имаат договорено во октомври да се договорат околу договорот за брендирање. За чудо, од сите три настани, ставот на Бугарија личи како на најпозитивен од сите, според искреноста и отвореноста, без парфимистики и без ракавици. По принципот, барем си знаеме на што сме.

Кој навистина во есента 2015 или пролета 2016 навистина можел да претпоставува дека епохата на надворешната политика на Барак Обама ќе биде наследена од Трамповата доктрина на „непредвлидивост”? Имал ли некој храброст да во тие убави времиња претпостави дека ќе дојдат времиња во кои десно-конзервативната Германија ќе стане осамениот глобален пиемонт на либерализмот, демократијата дури? Во негова одбрана и заштита, ќе се согласам дека таа непознаница која важела и за поупатените во светските текови, важи и за Зоран Заев, како лидер изроден во други времиња, според други визии, поинакви олекувања и треснат од земја поради целосно изменетите околности. 

Беспредметно е сегашната пизма за неисполнетите очекувања од Договорите со Софија и Атина да се сведе на повик и галама без да се земат во обзир објективните околности во кои се усогласуваа принципите за процесот на разрешување на споровите. Едноставно, и двата Договори се происход на „добрите” времиња на Обама и Меркел, на кабинетски педантно, елегантно, префинето се исцртуваа потезите, тајмингот и финалната цел на „историски разрешници”. Она што не беше проектирано во тие планови е новата реалност во која истите договори ќе треба да бидат спроведувани во речиси целосно изменет амбиент и од позиција на разнишана доверба на западните институции во сопствените мисии и способности за испорачување на ветеното.  

Таа заглавеност на пола пат помеѓу зацртано-замисленото и резултат-неиспорачаното извира од радикалните промени во меѓународните односи во последните четири години. Додека на домашен терен е происход на дискрепанцата помеѓу популистичката политика на ветување лишена од искуствената, институционална умереност и претпазливост за предвидливите и непредвидливите опасности од прелесно потпишување на договори без гарантции. Таа дискрепанца најубаво се доловува преку разликата во смислата на Договор (како постигната писмена согласност) и Уговор (србизам, како усмена согласност на добра воља) во разрешувањето на споровите како и разликата во односот кон меѓународното право и меѓународната политика.

Други колумни од авторот: 

-Маршал-Трамповиот план

-Кој го елиминира Прибе?

-Булдожери и sидари

Преспанскиот, Софискиот и на крај Вашингтонскиот договор се илустративни примери на тие разлики. Во примерот на Преспанскиот се отсликува Уговорниот пристап на нашата земја, инспириран од меѓунарордните политики, додека пак Договорниот пристап на Атина се базира врз таксативен, темелен однос кон историјата, сегашноста и иднината, базирано врз меѓународното право. Во примерот на Софискиот договор, нашиот пристап е повторно комбинација на Уговор и меѓународна политика, надградена со персонални емоции, додека од страна на Софија пристапот беше првично базиран на Уговор базиран на политичката моќ на членство во ЕУ и НАТО и верба во ветувањата на Зоран Заев, за да набргу го прифатат пристапот на Грција и наметнат Договорно толкување базирано врз меѓународното право. На крај, вашингтонскиот Договор во кој речиси се е сведено на Уговор, и тоа не билатерален или трилатерален, туку унилатерален со самите себе. Во смисла на тоа што и Србија и Косово се обврзуваат самите пред себе за испорачување на уговореното, а притоа Вашингтон ја ограничува сопствената улога на изнајмувач на Овалната Соба во која тие ниту јале, ниту пиле, ниту гарантори биле. 

Одговорноста за епилогот на ваквиот пристап секако лежи врз Зоран Заев и неговиот тим преговарачи и автори на Уговор-пристапот на нашата земја. Неговата декларирана коректност, позитивност и приемчивост за склучување такви Уговор-навидум-Договори би била во голема мерка олеснителна околност за него лично и неговата Влада. Под услов да претходно самиот Заев демонстрираше домашно-политичка коректност, позитивност и приемчивост за аргументите и предупредувањата на опозицијата, правната фела, јавноста, за опасностите од подземните струи кои одат во спротивен правец од површинските енергии на еуфорично пријателство ден по тридецениските непријателства. Сегашните, често претерани, сатанизирачки, отровни стрели и распалјотки од страна на опозицијата и јавноста би биле лесно отфрливи. Доколку самиот Заев со неговата комбинација на фацијално патетично глумење добродушност и се потешката за криење внатрешна провинцијална ароганција и припроста надменост не го соголуваше него лично како апсолутен виновник за комплицирањето на односите со Софија и гневот на домашната политичка сцена. Секој понатамошен обид од неговата страна – согласно неговите разбирања за политиката – ќе биде уште едно надополнување со додаден слој компликации преку провидни манипулации во префрлање на жешки компири во туѓи раце. Проблемот во тој пристап е што во тие раце нема да најдете разменети кравати ниту љубени пенкала ниту клечења и жички. Заев сакаше да ги понесе сите ловорови венци за склучените Договори. Желбата му е исполнета, бесповратно.

Ситењето кон Заев сепак нема да ни ја олесни ни душата, ни маката, ни трпезата. Дури и неговите лекомислености од минатото ќе беа полесно сварливи доколку од неа извлечеше поука поради која ќе сврти нов лист на искрено и одговорно кажување на вистината за реалните состојби во нашата меѓународна и домашна политика. Премиерот, за жал, не дава причина за верување дека има сила и доблест да го смени начинот на делување во кој политиката на Македонија ја води според правилата на игра во Струмица.

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Она што е веќе осетливо и за обичните граѓани е што земјата полека ја напушта динамиката и оптимизмот изграден во првите две години на владеење на Владата Заев 1. Комплицирањето на нашите преговори со ЕУ доаѓаа како надополнување на неиспорачаните економски очекувања од членството во НАТО. Слабеењето на тој интегративен процес и циклус не враќа во состојба на статичност, бесперспективност и страв за иднината. Стабилноста на Македонија беше и останва директно поврзана со  процесите на интегрирање во западните организации, како спас од себе и сопствената немоќ. Навистина, стабилократите го добија НАТО во кое ќе ја глумат улогата на политички бодигарди на генералите во замена за нивна миопичност кон овдешната корупција и криминал. Преговорите и зачлленувањето во ЕУ беа надеж на средната класа, на сиромаштијата за спас од нееднаквоста и деспотијата на стабилократијата.

Испаѓа дека нашите најубави денови на бивање љубени и сакани од Западот биле додека од другата страна на тарабата ни намигнуваа Русија, Турција, Кина. Чудно, но тогашните наши завети и уверувања кон Брисел, Берлин и Вашингтон дека „за нас нема други сем вас”, денес се интерпретираат од нивна страна со едвај скриена потсмешливост и здосаденост од нашите цимања по нивните ногавици. Очигледно, ставот дека „Македонија има време за чекање” е резултат на нашата гео-политичка статичност и нивната преценета самоубеденост. Но на Европа нема да и биде прв пат да си ја прецени сопствената битност и влијание, глобално светски и регионално балкански.  Македонија може да чека, но времето не чека на никој, па ни на Европа.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач