1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска средба на Контакт групата за Косово

2 ноември 2005

Контакт групата за Косово денеска во Вашингтон треба да се состане за првпат по минатонеделната препорака на Советот За безбедност на ОН за почнување на преговорите за статусот на покраината.

https://p.dw.com/p/AcBb
Косово
Косово

Разговорите на Контакт групата,на кои ќе се одредуваат насоките за изнаоѓање трајно решение за Косово, ќе ги води Михаел Шефер, политички директор во германското министерство за надворешни работи. Преговорите за статусот на покраината, пак, кои најверојатно ќе почнат до крајот на месецов, ќе се одвиваат под раководната палка на Марти Ахтисари, кој ќе биде специјален претставник на светската организација во преговорите за статусот. Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Брендон Варма, изјави дека Советот денеска најверојатно позитивно ќе одговори на писмото на Кофи Анан, во кое тој го предлага Ахтисари за специјаен претставник. Ахтисари во првата фаза на преговорите треба да води т.н. шатл дипломатија, односно да пренесува предлози, идеи и барања меѓу Приштина и светските центри на моќ. Во втората фаза би дошло до директни средби меѓу српската и албанската страна. Соодветна конференција или конференции би биле одржани најверојатно во Виена.

Владата во Приштина го поздрави именувањето на Ахтисари за специјален претставник за разговорите околу статусот на покраината. Суљ Укшини, надлежен за информирање во косовската влада, изјави: “Ахтисари е дипломат со искуство во однос на балканските прашања. Познато е дека тој беше посредник за време на косовската војна и добро ја познава ситуацијата на Косово. Мислам дека е добро решение.“

Косовскиот премиер Бајрам Косуми, по вчерашната седница на владата, го поздрави предлогот Ахтисари да има и три помошници од ЕУ, САД и Русија,и рече дека мошне добро би било и доколку американската страна ја застапува државниот подсекретар за политички прашања Николас Барнс.

Според кабинетот на косовскиот претседател Ибрахим Ругова, од Ахтисари се очекува да се придржува до принципите кои важат во посредувањето.

Официјален Белград, пак, според оценките на тамошните политичари, неподготвено го дочекува почетокот на преговорите за косовскиот статус.

Српскиот тим за преговорите околу статусот ќе биде формиран наскоро, најави министерот за надворешни работи, Вук Драшковиќ. Тој лично смета дека на чело на тимот треб ада биде српскиот претседател, Борис Тадиќ. Тадиќ,пак, во врска со составот на делегацијата за преговори, денеска за Дојче Веле изјави:

“Таквата делегација, според мое мислење, треба да ја обедини државната заедница Србија и Црна Гора. Почитувајќи ја резолуцијата 1244, Косово и Метохија е составен дел на СЦГ и таа делегација не треба да биде составена само од членови од државата Србија, односно само од една од републиките членки. Од друга страна, Косово не е само српски проблем или само проблем на српско-албанските односи, туку е и регионален и европски проблем.“

Поранешниот министер за надворешни работи, Горан Свилановиќ, изјави дека српското раководство треба пореално да и ја претстави на јавноста ситуацијата воочи преговорите и повтори дека останува на ставот Косово да добие условна независност. Српската страна нема ниту тим, ниту стратегија за тоа како да се настапи на преговарачката маса, критикува од друга страна пратеничката Сања Чековиќ:

,,Премиерот е тој кој треба да му се обрати на парламентот и кој треба да каже кој би бил неговиот предлог и каква би била стратегијата кон Косово,“ вели пратеничката во српскиот парламент.

И додека пратениците во Белград се уште се во исчекување, парламентот во Приштина е во акција. Косовските пратеници вчера одлучија да донесат резолуција за независност на покраината, која ќе биде изгласана најдоцна до 17 ноември.