1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова светска економска криза по војната во Украина?

Хенрик Беме
14 март 2022

Војната која Русија ја започна во Украина нагло ќе го запре опоравувањето на светската економија од пандемијата на коронавирус. Што ќе следува, никој не знае, но не изгледа добро, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/48DHJ
Ukraine-Konflikt | Zerstörung | Stadt Irpin in der Nähe von Kiew
Фотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Кризите и војните вршат многу промени, понекогаш менуваат сѐ. По Втората светска војна настана нов светски поредок, но и институции како Обединетите нации, кои требаше да спречат повторување на ваква катастрофална војна. По светската финансиска криза, државите ги ставија банките под поцврста контрола и ги засилија надзорните тела. Во ковид-кризата конечно научивме да ги цениме предностите на дигитализацијата, при работата од дома на пример. 

А сега стигна оваа војна, иницирана од човек кој сака да ги коригира грешките од минатото (барем она што тој го смета за грешки). Човек, чија продажба на гас со децении овозможува греење на нашите домови.

Претседател на земја која имаше сѐ за да стане супер сила, и без да навлегува во други држави: купишта  суровини,  добро образовани луѓе, величествена култура. Но, тој пропушти да постигне нешто од тоа: милијардите пари од трговија со суровини не се употребени за земјата технолошки да се доведе во светскиот врв. Наместо тоа, шефовите на фирмите за суровини, жаргонски - олигарси, водат луда трка кој ќе има најлуксузна јахта, највредни недвижности, најскап фудбалски клуб.

Дали санкциите ги погодуваат вистинските?

А сега оваа војна, за која знаеме само дека се води брутално, но не и кога и како ќе заврши и до каде е подготвен да оди човекот во Кремљ. Она што гледаме: тој го обедини т.н. Запад, предизвика  санкции со огромна острина. Да, рубљата еродира,  кредитниот рејтинг  на земјата е на најниско ниво,  инвеститорите заедно со капиталот  ја напуштаат земјата. Но, дали санкциите ќе го дадат  посакуваниот ефект?  Ги погодуваат ли токму оние кои треба или само обичните луѓе на улица кои засега не можат да купат Левис фармерки или Ајфон?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Западна Европа,  зависна од руската дрога во форма на нафта и гас, е загрижена за своите индустрии, кои во голем дел се потпираат на овие фосилни горива. Европејците се плашат од следната зима, зашто становите можат да останат ладни. На бензинските станици цените експлодираат, цената на нафтата достигнува нови рекорди. А тоа е само почеток. Никелот на пример, кој Русија исто така го има во изобилство и кој е неопходен за производство на челик, од еден ден до другиот поскапе за повеќе од 50%. Пораснаа и цените на паладиум, алуминиум, неон и ксенон, исто така важни суровини, кои западноевропските фирми во добар дел ги увезуваат од Русија. 

Состојки за светска економска криза 

Уште сега се прават првите облози кога цената на нафтата ќе ја достигне границата од 200 долари за барел. Она за што не треба облог: инфлацијата ќе стане голем проблем, зашто има малку причини за верување во деескалација на ситуацијата на ценовниот фронт. Напротив, сето тоа звучи како состојки за нова криза на светската економија. Но, касите на министерот за финансии се празни по милијарди тешките програми за помош во борбата против коронавирусот. Како да се финансира евентуална нова конјунктурна помош?

Во европските престолнини набрзина се кројат планови за поголема независност од рускиот гас и нафта. Тоа е полесно да се каже отколку да се реализира, а толку брзо нема ни да оди. Освен тоа, ќе биде и скапо: за да се наполнат европските складишта за гас, пред следната зима, со течен гас наместо со руски, според пресметките на експертите, потребни се околу 70 милијарди евра. 

Може  ли без Русија? 

Од друга страна, Москва двапати ќе размисли пред да ја затвори славината за гас. Зашто, тој дневно ѝ носи милиони и милиони. Само во февруари Европејците на Газпром и компанија им уплатиле 5,6 милијарди евра. На секое буре нафта што го извезува Русија, според сегашните цени заработува меѓу 70 и 90 долари. Овде би помогнало само драстично зголемување на понудата на нафта на пазарите заради намалување на цената. Од друга страна: државната каса во Кремљ е добро наполнета, долговите се сразмерно ниски, а  Пекинг е верен пријател во заднина,  алчен за нови извори на суровини и пазари за пласман на производи. 

Големото прашање, поставено можеби прерано, сепак гласи: Како ќе изгледа нашиот иден однос кон Русија? Може ли воопшто да има некаков? Јасно, војната мора да прекине, најдобро веднаш. Страдањата на луѓето во Украина мора да запрат. Но, да се изолира Русија долгорочно од светската трговија? Многу тешко. Светските проблеми (промена на климата на пример) да се решат без Русија? Тешко претпоставливо, дури и неможно. Секако, Русија е потребна. Но, само Русија без Путин.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58