Груевски и Папандреу далеку од компромис
17 јуни 2010Од македонска страна – молк, освен кусо соопштение во кое Владата информира дека двете страни разговарале за разни работи како што се светската економска криза и други билатерални прашања, па се разбира станало збор и за спорот со името, се вели во владиното соопштение.
Порака од Друцас до македонската јавност
Грција од своја страна го испрати својот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас да пренесе порака до македонската јавност.
“Мојата порака до луѓето во вашата земја е многу јасна. Грција е подготвена и посакува да порнајде решение. Мојот повик е да седнеме конструктивно во рамките на ОН за да пронајдеме решение за прашањето за името. Штом тоа го сториме, веднаш ќе можат да започнат претпристапните преговори. Дозволете ми да повторам тоа што веќе го реков во минатото. Ова е нешто во што искрено верувам, а тоа е дека во текот на ЕУ-преговорите, Грција ќе биде вашиот најискрен и најсигурен партнер“, изјави Друцас.
Македонија вчера преку својот министер за надворешни работи Антонио Милошоски порача дека смета дека блокадата на Грција е непринципиелна и дека го демотивира реформскиот напор. Порака која веројатно ќе му биде пренесена и на еврокомесарот Штефан Филе денеска. Европската комисија нема да има што да одговори на ова, бидејќи таа својата принципиелност ја докажа со препораката за преговори минатата година.
Македонија останува надвор од ЕУ и НАТО се‘ додека не го реши спорот за името.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Жана Ацеска