Германија и Македонија стартуваа со победи
8 декември 2006Во А-групата репрезентацијата на Македонија ја совлада селекцијата на Србија со 25 спрема 23, откако уште во првото полувреме обезбеди предност од 3 голови – 14 спрема 11. Унгарија забележа победа над Австрија со 29 спрема 21.
Во Б-групата сигурна и убедлива победа на Германија против Полска со 30 спрема 20. Предводени од Надин Краузе, која со 10 голови беше најефикасна, Германките веќе по првите 30 минути обезбедија предност од 6 голови. “Радосни сме дека толку добро го започнавме турнирот. На почетокот имавме малку потешкотии, но со добра одбрана се вративме во игра” – изјави Краузе. Во оваа група уште поубедливи беа ракометарките на Норвешка, кои ја совладаа селекцијата на Словенија со 43 спрема 20.
Во Ц-групата Русија беше подобра од Хрватска и победи со 27 спрема 22, додека во дуелот со најмалку голови Шведска забележа победа против Украина со 17 спрема 13.
И на крајот, во Д-групата со добра игра во второто полувреме лесна победа на Шпанија против Холандија со 26 спрема 16. Единствен нерешен резултат во првото коло на Европското првенство донесе дуелот меѓу Данска и Франција, кој заврши 18 спрема 18.
Во второто коло Македонија денеска ќе има тешка задача, оти се среќава со Унгарија. Германија, напротив, треба да нема никакви проблеми со екипата на Словенија.