1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерален штрајк против Трамп?

Михаел Книге
13 февруари 2017

Дали планот ќе успее не е сигурно, но самиот повик за генерален штрајк на 17 февруари во САД покажува колкав е отпорот против американскиот претседател Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/2XS6W
Washington Women's March Trump Proteste
И организаторите на Женскиот марш повикуваат на генерален штрајкФотографија: DW / F. Kroker

На прашањето кога во САД последен пат се одржал генерален штрајк кој ја парализирал земјата, може брзо да се одговори. Таков немало. „Во САД нема генерални штрајкови“, вели Кевин Бојл, историчар на Нордвестерн Универзитетот и експерт за американски социјални движења.

Она што постои се генерални штрајкови на локално ниво, дополнува Ендрју Вендер Коен, историчар на Сиракјус Универзитетот. Но и тие се ретки. „Последниот голем генерален штрајк се случи во 1946 година, во Оукленд, Калифорнија“, вели Коен. Тогаш десетици илјади работници во борбата за членство во синдикатот ги напуштија своите работни места.

Смелост

Денес ширум земјата годишно има по само околу 20 до 30 поголеми штрајкови, што значи онакви каде учествуваат најмалку 1000 штрајкувачи. Поради тоа што масовните штрајкови во САД се толку ретки, повиците за генерален штрајк од страна на организаторите на Женскиот марш, но и од страна на други групи, се не само вредни за помен, туку и смели.

„Оваа идеја е навистина невообичаена“, нагласува Бојл. „Тоа што луѓето воопшто зборуваат за вакво нешто покажува колку е длабок опозицискиот став кон владата на Трамп. Тоа ни ја покажува драматичната димензија на мобилизацијата во САД во изминатите две недели.“ Повиците за генерален штрајк се сликовит приказ на „бесот и огорченоста“ на многу луѓе, дополнува Коен.

Но историчарите си го поставуваат прашањето дали планираниот генерален штрајк воопшто може да биде успешен во една земја во која луѓето не само што се многу помалку заштитени со работнички права отколку во Европа, туку и членувањето во синдикат е многу поретко отколку во Европа, каде генерални штрајкови има почесто. „Главното прашање е дали на организаторите ќе им успее да ги уверат луѓето да преземат ризик од отказ или да се изложат на нерасположението на работодавачите“, потенцира Коен.

Идејата за генерален штрајк Бојл ја врзува за уште еден проблем: ако учеството не биде огромно, постои опасност акцијата да биде протолкувана како неуспех дури и ако учествуваат голем број луѓе. Бојл укажува на мораториумот на крајот од Виетнамската војна, од 15 октомври 1969 година. И овој протест беше првично планиран како генерален штрајк, а потоа беше преименуван во мораториум. Наместо генерален штрајк тогаш дојде до масовни собири на повеќе места во САД и светот, а еден месец подоцна следуваа и други масовни протести.

USA Donald Trump bei der Vereidigung von James Mattis
Самиот повик на генерален штрајк зборува за тоа колкав е отпорот против Трамп Фотографија: Getty Images/O. Douliery

Европа како пример

За жената чиј текст во британски „Гардијан“ ја популаризираше идејата за генерален штрајк против Доналд Трамп ваквите тактички прашања на организација или восприемање на протестот играат само споредна улога. „Јас не сум организаторка“, вели за ДВ Френсин Проуз, писателка и поранешна претседателка на американскиот ПЕН-центар. „Јас само ја објавив оваа идеја.“

„Минав долго време во Италија и се сеќавам како чекав автобус во Рим кој никогаш не дојде“, вели таа. Свесна е дека генералните штрајкови во САД се многу поневообичаени отколку во Европа и дека за Американците е многу поризично и потешко да учествуваат во штрајкови отколку што е тоа за Европејците.

Зошто и покрај овие работи повикала на генерален штрајк? Едноставно е, вели Проуз: „Еден дел од мене едноставно смета дека единственото за што се грижат овие луѓе се пари и трговија. Затоа можеби единствен начин навистина да се погодат е работите да се стават во мирување цел еден ден или да се предизвикаат тешкотии.“ Тоа, меѓутоа, не значи дека успехот на генералниот штрајк треба да се врзува единствено со ефектите кои би ги имал врз економијата.

„Да речеме дека сите Американци на еден ден би ја прекинале работата, не би купувале ништо и не би патувале - не сум убедена дека тоа би го натерало Трамп на оставка“, вели Проуз. Затоа е важно да нема концентрирање на определени видови на протест или определени акции, туку секој протест треба да се третира како вежба за наредниот пат.

На пример, ако некој не може да го напушти работното место, може да му се јави на некој конгресмен за да протестира.