1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венецуела: Кој ќе издржи во политичкиот покер?

Сандра Вајс
25 февруари 2019

Николас Мадуро е претседател без народ. Хуан Гуаидо е претседател без држава. Во големиот покер околу Венецуела одлучуваат четири фактори: нафта, време, геополитика и војска, коментира Сандра Вајс.

https://p.dw.com/p/3E23L
Venezuela Grenzstadt Ureña Proteste
Фотографија: AFP/J. Barreto

Пред еден месец во Венецуела започна борбата за власт која изненадувачки ја објави опозицискиот лидер Хуан Гуаидо. Оттогаш работите молневито се развиваат: Гуаидо доби широко меѓународно признание благодарение на внимателно подготвената кампања.

Масовните демонстрации го ставаат под притисок претседателот Николас Мадуро, а ембаргото на САД на извозот на нафта има за цел да го истенчи неговиот „воен буџет“. Кликата на Мадуро делуваше збунето, реагираше дефанзивно, а неговите советници се расправаа дури и пред камери.

Историскиот момент е на страна на опозицијата. Во текот на викендо Гуаидо оствари една од целите: фотографии со стотици илјади луѓе на хуманитарниот концерт на опозицијата, наспроти значително помалиот број луѓе на контра-концертот на Мадуро. Тоа беше концертен „хуманитарен напад на сите фронтови“, при што во живо можеше да се види како илјадници цивили се обидуваат во Венецуела да внесат хуманитарна помош и како полицијата и националната гарда таа помош ја блокираат, пукаат врз демонстрантите и палат камиони.

Одлучувачки се пониските армиски ешалони

На пропагандниот фронт делува дека Мадуро ја загуби војната: во очите на светот тој делува како бескрупулозен, корумпиран диктатор без народ. Од друга страна, премалку се обрнува внимание на спорните мотиви на неоконзервативниот нов поредок на Америка и предисторијата на оние кои се на страната на Гуаидо. Такви се, на пример, Елиот Абрамс, осуден во САД поради илегалната продажба на оружје на Иран, како и ултраконзервативното кубанско лоби.

Kommentarbild Sandra Weiss
Сандра ВајсФотографија: DW

Но судирот - дури и оној под хуманитарна закрила - се одлучува на терен. Таму, Гуаидо е сѐ уште претседател без држава. Обидот за внесување на хуманитарна помош во Венецуела засега е неуспешен. Дваесетина дезертери, меѓу нив и високорангирани како поранешниот шеф на воената разузнавачка служба Хуго Карвахаљ, сѐ уште не значат дека лојалноста на воениот врв е доведена во прашање.
Стратегијата на хуманитарната помош затоа и не цели кон нив, туку кон средните чинови, кои командуваат со блокадата. Сметката вели: доколку офицерите од среден ранг се повлечат, ќе ги следи и веќе долго деморализираната армија и генералите ќе останат осамени. Тука е во игра и факторот време.

Краткороточно, на Мадуро и на неговите кубански сојузници им појде од рака да пронајдат трговски алтернативи на Блискиот исток, во Индија и Русија и со тоа да го пробијат ембаргото. Но трошоците за транспорт се високи и среднорочно хуманитарната криза ќе се заострува.

Што ќе прави Трамп?

Но, неизвесно е дали и напатениот народ ќе реагира со револт или бегство. Колку поуспешен е отпорот на Мадуро, толку е поголема опасноста дека ќе мине моментот на Гуаидо, дека ќе дојде до поделби во опозицијата и дека дел од неа ќе се радикализира.

Долгорочно, Венецуела може да издржи само доколку пронајде сојузник кој би бил подготвен да издвои милијарди за геостратешките упоришта на Карибите. Тоа е под знак прашање. Светската геополитичка ситуација побрзо укажува на повлекување на големите сили во регионални зони на влијание.

Дали на крајот судбината на Венецуела ќе ја запечати Трамп, Путин или Ши Џинпинг? Ударот против Венецуела на Трамп би можел да му биде корисен пред сѐ на изборите во 2020 година. Дотогаш таа тема би требало да биде завршена.

Колку далеку е подготвен да оди? Дали воената опција е повеќе од обична закана? Во која мерка Трамп, заедно со Европејците, ја игра играта добар полицаец-лош полицаец, за да го принуди Мадуро да седне на преговарачка маса? Во венецуеланскиот покер сѐ уште има скриени адути.