Буш и Блер признаа грешки во нивната политика спрема Ирак
26 мај 2006Како најголема грешка Џорџ Буш ја означи тортурата врз затворениците во злогласниот багдадски затвор Абу Гариб. „Уште долго време ќе мораме да плаќаме поради тоа“, рече американскиот претседател. Тој искажа каење поради силните зборови изречени по нападите од 11-ти септември 2001-ва година, оти „во одредени делови на светот“ со тоа бил погрешно разбран. И покрај погрешните зафати и контраударите, Џорџ Буш, меѓутоа, е уверен дека е на место она што е направено и се прави во Ирак.
Обајцата државници ја бранеа војната, велејќи дека било правилно решението да биде соборен Садам Хусеин и земјата да се демократизира. Со формирањето влада Ирак се наоѓа на добар пат кон стабилизација и национално помирување. Амбициозната програма на премиерот Нури ал-Малики дава надеж, рече Буш. Тони Блер зборуваше за огромни предизвици во Ирак, но и дека бил поубеден отколку кога и да е дека тие треба да се прифатат.
Блер призна дека коалиционите сили ги потцениле размерите на востанието. Ни тој, ниту Џорџ Буш не беа подготвени да наведат временски план за повлекување на нивните коалициони трупи од Ирак, туку потврдија дека ќе ги остават војниците таму се’ додека земјата не биде во можност самата да се грижи за сопствената безбедност. Од почетокот на војната пред три години во Ирак се убиени најмалку 2460 американски и 106 британски војници.
Буш и Блер во Вашингтон разговарале и за атомскиот спор со Иран, како и за ситуацијата на Блискиот исток.