1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканизација на Европа

Драгослав Дедовиќ
7 февруари 2017

Националистички интриги, економска криза, поделби! Да не станува збор за Југославија на крајот на 80-те години? Не, тоа е денешната ЕУ, 25 години по потпишувањето на договорот во Мастрихт.

https://p.dw.com/p/2X61b
Symbolbild EU Krise
Фотографија: Getty Images/C. Furlong

Еден февруарски ден во 1992. година во живописното холандско гратче Мастрихт, Европската заедница беше преименувана во Европска унија. За западните земји-основачи, овој сојуз на држави веќе четврт век претставува саморазбирлива успешна приказна. Но, токму потиснувањето на темната страна на успехот, ја загрозува неговата одржливост. Во годините по Мастрихт, можеби никој и не беше во состојба веднаш да сфати какви грешки ѝ се ставени на ЕУ уште во колевката. Но, нивното игнорирање може да доведе до крај на Унијата. 

Еден од прастарите гревови на ЕУ беше неспособноста за правилна проценка на југословенската криза, за превентивно дејствување и спречување на војната или вршење сериозно миротворно влијание по избивањето на судирот. Токму Европската заедница, во времето на распадот на југословенската држава, а тоа беше време на раѓање на ЕУ, беше недоследна во застапувањето на прокламираните вредности. 

Политичко џуџе

Обединета Германија во Мастрихт во мираз не ја донесе само својата економска сила, туку и историски условената слабост. Имено, во ерата на Студената војна, Западна Германија беше економски џин и политичко џуџе. Таа карактеристика во Мастрихт беше пренесена и врз ЕУ. Во изминатите 25 години, џуџето ни малку не порасна. Целосно потфрлија и повремените терапии со безбедносни и надворешнополитички хормони за раст. Да споменеме, уште не постои консеквентна надворешнополитичка линија на Балкан. А т.н. Западен Балкан, препуштен на самиот себе, периодично се враќа кон своите племенски корени.

Symbolbild Flagge Verfall Jugoslawien

Внатре поделена, нанадвор слаба

На внатрешен план, на ЕУ ѝ недостига способност за постигнување консензус. Тврдиот став на Германија во светската финансиска криза, како и великодушноста на Берлин во времето на бегалската криза, можеби се производ на моментната германска финансиска и хуманитарна логика. Но, германската доследност во таа логика дејствува како траен отров врз зачувувањето на домашниот мир. Развојот на токсичноста беше можен со оглед што двата става стигнаа на крајот, а не на почетокот на лошиот развој на настаните. На пример, при приемот на Грција во еврозоната, западните земји широко ѝ прогледаа низ прсти на Атина. Истото се случи и при приемот на Бугарија, Романија и Хрватска во ЕУ. Даблинскиот договор, според кој бегалците можат да побараат азил само во земјата во која првпат стапнале на тлото на ЕУ, со години ја штитеше Германија, преоптоварувајќи ги средоземноморските земји. Тврдоглавото игнорирање на овој факт, од Медитеранот направи масовна гробница, а од сириската трагедија - европска бегалска драма.

Американската склоност кон примена на воена сила не беше сегогаш во согласност со интересот на ЕУ. Таа логика не донесе само серија интервенции, чии последици беа незамисливи разорувања и слом на цели држави во европското соседство, туку и опаѓање на солидарноста внатре во Унијата. Изгледа, солидарноста со послабите држави и бегалците станува „старомодна“. Последица се Брегзит во Лондон, Качински во Варшава, Орбан во Будимпешта. Путин, Ердоган и Трамп ante portas – што воопшто не ја олеснува целата работа.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Пред распад?

Актуелната состојба на ЕУ засилено потсетува на Југославија во пресрет на распадот. Доколку катастрофата на Титовата држава може лапидарно да се сведе на една формула, тогаш таа гласи: перманентната редукција на југословенското општество на наводни заедници на потекло во комбинација со економската криза. Политичките и економските противречности преку ноќ беа вулгарно етнизирани. Во очите на западните набљудувачи, тоа тогаш изгледаше како атавизам, отстапување од главната струја на историскиот напредок. За жал, 25 години потоа, мора да се констатира дека распадот на Југославија означи почеток, а не крај на еден кобен тренд.  

Неолибералните елити изгледа целосно го потценија човечкиот страв во западните општества од премин на губитничката страна. Национализмот стана меинстрим во одделни западни престолнини. Во Виена тоа доведе речиси до устоличување на шовинисти. Пред нас се и неизвесните избори во Холандија и во Франција. Карактеристично е притоа дека западните земји, победнички над нацистите, развиле помалку витални општествени антитела против модерно камуфлираните фашисоидни идеологии, отколку земјите во кои злото првобитно настана.

Што сега? 

Всушност, спасоносната формула е едноставна: земјите кои ја сочинуваат Унијата би требало да се обединат во сложна заедница на вредности и доследно да настапуваат кон опкружувањето. И да практикуваат вистинска солидарност внатре во Унијата, резултирана од спознанието дека е подобро навремено вложување, отколку интервенирање отпосле. На долги патеки, трошоците се сигурно помали, секако, ако во превенцијата се вложи што повеќе и тоа без колебање. 

Не е пресудно дали ЕУ ќе го оживее својот пропаднат устав или ќе направи некој вид генерален ремонт за да дојде на повисоко рамниште - ЕУ 4.0. Или дали државите, кои го сочинуваат јадрото на Унијата, ќе исчекорат пред другите, во правец на искрено здружување. 

ЕУ мора да достигне вистинска солидарност, финансиска одржливост за сите членки и да се оспособи за вистинско сложно дејствување, инаку - ќе пропадне. Време има сѐ помалку.