Апел за враќање во парламентот
29 јануари 2011„Парламентот е местото каде треба да се изнесат прашањата и да се спротивстават аргументите, пред очите и судот на јавноста. Парламентарците токму за тоа се избрани и одговорноста е заедничка“, стои во писмената изјава на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Тој очекува на редовната координативна средба со потпретседателите на Парламентот и координаторите на пратенички групи во понеделник да дојдат и претставниците на опозициските партии и покрај нивните вчерашни најави дека ја напуштаат работата на Собранието.
„Политичкиот дијалог кој се одвива на координативните средби е вистинскиот начин за решавање на било кое отворено прашање. Со него ги почитуваме и одредбите од Законот за Собранието, а истовремено ја продолжуваме досегашната добра практика за сите прашања да се разговара и договара. Како претседател на Собранието, целосно сум подготвен да ги отворам сите прашања, кои опозицијата ги детектира како проблематични за демократскиот капацитет на Парламентот и која било друга институција, а особено прашањата поврзани со слободата на медиумите“, вели Вељаноски во изјавата.
Опозицискиот СДСМ вчера соопшти дека го напушта Парламентот и нема да учествува во неговата работа. Како што рече претседателот на партијата, Бранко Црвенковски причина за ваквата одлука е, недемократската и ненародна власт на ВМРО-ДПМНЕ. По СДСМ парламентот го напуштија и НСДП, Либералната партија и Нова Алтернатива на Ѓорѓи Оровчанец.
Автор: ГЧ/ТТ/миа/макфакс
Редактор: Горан Чутаноски