1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните не сакаат отстапки со Бугарија како услов за во ЕУ

ДТЗ
27 февруари 2022

Иако поддршката за ЕУ е сѐ уште висока - 70%, јавноста во Северна Македонија е сѐ поразочарана од процесот на европските интеграции. Европскиот сон сѐ уште сјае, меѓутоа европската реалност станува лош сон.

https://p.dw.com/p/47WKe
Nordmazedonien EU Flaggenverkauf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени поддршката на јавноста за членство во ЕУ. Во 2021 година, 68% од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ. Намалување има во процентот на испитаници кои се отворено евроскептични, а постои и меѓуетнички јаз во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата - Македонците и Албанците. Исклучително висок процент на етнички Албанци (82%) го поддржуваат македонското членство во ЕУ. 63% од етничките Македонци ја поддржуваат европската интеграција на државата.

Но, околу 70 проценти од македонското население смета дека не треба да се направи никаков компромис во однос на националниот идентитет и историјата, како и статусот на бугарското малцинство. Ова го покажуваат најновите анализи на фондација „Конрад Аденауер“ и Институт за демократија за македонскиот процес на пристапување кон Европската унија.

„Јавноста во Северна Македонија е сѐ поразочарана од процесот на европските интеграции. Европскиот сон сѐ уште сјае, меѓутоа европската реалност за државата сѐ повеќе станува лош сон. Поддршката за ЕУ е сѐ уште висока - 70 проценти, тоа е ситуација која трае повеќе години, но со оглед на првичната поддршка која беше 90 проценти, станува збор за пад“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. 

Според него, луѓето сѐ уште веруваат во процесот на пристапување, но неуспехот на Владата да го спроведе реформскиот процес и блокадите од соседите се главните пречки за стагнирањето на процесот. „ЕУ и Западен Балкан навлегоа во магичен круг на недоверба и станува сѐ полошо и полошо. Стагнацијата на процесот влијае на секојдневниот живот на луѓето. Поддршката за регионалните иницијативи расте“, укажува Трошановски.

Мнозинството против отстапки со Бугарија

Во контекст на актуелните разговори меѓуСеверна Македонија и Бугарија, анализата ја разгледува перцепцијата на граѓаните во однос на областите за компромис со Бугарија, а врз основа на нејзините три конкретни барања: ревизија на националните историски наративи, јазичните барања и состојбата на бугарското малцинство во Северна Македонија.

Резултатите покажуваат дека 79% од испитаниците не мислат дека Северна Македонија треба да направи остапка во врска со јазикот. Само 12% сметаат дека ова барање треба да се исполни доколку тоа е корисно за процесот на пристапување во ЕУ.  Повеќе од две третини од анкетираните граѓани (71%) сметаат дека Северна Македонија не треба да направи отстапки во однос на предложените историски наративи во замена за пристапни преговори со ЕУ, додека 19,4% сметаат дека исполнувањето на овие барања треба да биде опција доколку тоа го деблокира процесот на пристапување кон ЕУ. 

Уште едно бугарско барање кое е предмет на анализа во овој документ е подготвеноста на испитаниците за отстапки во однос на статусот на бугарското малцинство во Северна Македонија како пат кон укинување на ветото. Одговорите покажуваат дека околу 64,5% од анкетираните граѓани не би се согласиле да се исполни ова барање. 22,6% се согласуваат дека овој вид на преговори може да се прифати. 

„Уверен сум дека решението на спорот меѓу Скопје и Софија може подобро да се постигне во рамки на ЕУ. Инсиститирањето на идентитетски прашања во билатерален спор не треба да биде приоритет во моментов“, оценува директорот на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденаур“ во Скопје, Даниел Браун.

Промена на перцепцијата

Кредибилитетот на Европската Унија продолжува да пропаѓа. „Тој е неколку години по ред во голем пад. Унијата сѐ помалку станува значајна во личните животи на луѓето, особено кај Македонците. Се зголемува перцепцијата дека Америка е многу повлијателна од Европа и првпат тоа е мнозински став и кај етничките Македонци, што досега беше резервиран за Албанците“, вели Трошановски.

Исто така, она што е многу важно е и дека перцепцијата за влијанието на Европа како најдобар сојузник на земјата бележи огромен пад. „Ако била 34 отсто пред две-три години сега е само девет проценти, така што во една целина, што се однесува до евроинтеграцискиот процес, нашата популација е дезориентирана, разочарана и мислам дека трансформативната моќ на пристапниот процес, меката моќ на Унијата како модел на вредности за жал сѐ повеќе бледнее во нашата земја“, вели Трошановски.

Резултатите покажуваат дека, сепак, само САД се перципирани како странски фактор со најголемо влијание и тоа од значајна група на испитаници (45,16%). Германија е на третото место со 11%, со што ја надмина ЕУ (9,47%) за само 1,5%. На дното на табелата стои Русија, која има најголемо влијание според 2,7% од населението. Само незначителен број од анкетираните граѓани (<1%) ја перципираат Кина како најголем влијателен фактор.