1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски офицер изведен пред суд за измачувањата во затворот Абу Граиб

21 август 2007

Во американската сојузна држава Мериленд почна првиот и за сега единствен судски процес против офицер на американската армија, обвинет за измачувањата во озлогласениот Багдадски затвор Абу Граиб.

https://p.dw.com/p/BWQ2
Една од фотографиите што прикажува затвореник врзан за жициФотографија: AP

Во досегашните постапки пред воениот суд, затворски казни добија 11 војници со понизок чин. Карстен Шмистер информира за она што го донесе првиот ден од судскиот процес против потполковникот Стивен Ѓордан.

Веќе на почетокот од судскиот процес пред Воениот суд на сојузната држава Мериленд, главниот судија мораше да поништи две точки од обвинението поради формална грешка. На потполковникот Стивен Ѓордан со тоа не му се закануваат повеќе 16, туку само 8 години затвор. Раководителот на истражната постапка, генерал мајорот Џорџ Феј, имено не го информирал потполковникот Ѓордан за неговите права, па затоа не може да му се суди за попречување на правосудните органи и лажење на истражните.

Она што останува како клуч на обвинителниот акт е одговорноста за толерирање на измачувањето во процесот на сослушување на лицата осомничени за тероризам во затворот Абу Граиб. Ѓордан во 2003-та година беше директор на Одделот за сослушување во озлогласениот затвор. Тој додуша не бил директно инволвиран во сослушувањата, но од напред го одобрил пристапот со примена на сила и на тој начин е одговорен за подоцнежната ескалација на насилството кон затворениците. За изживувањета врз ирачките затвореници, вклучувајќи го и нивното сексуално понижување, заплашување со кучиња исл. затворски казни од 2 до 10 години веќе добија 11 американски војници.

За разлика од нив, тој не измачувал никого и не бил непосредно вклучен во командниот синџир, аргументира адвокатот на Ѓордан. Впрочем потполковникот бил само мало тркалце во големиот систем, смета експертот и поранешен раководител на еден оддел за сослушување при американската армија, Тони Лагуранис.

“Сето тоа дојде од Министерството за одбрана. Тие ни дадоа насоки за сослушување, кои содржеа кршење на Женевските конвенции за заштита на воените заробеници. Затоа одговорните би требало да се бараат се‘ до врвот на командната структура.“

Според одделни информации за примената на насилство барем знаеле и тогашниот министер за одбрана Доналд Рамсфелд, како и претседателот Џорџ Буш.

Целиот скандал со измачувањата и фотографиите од нив што се појавија во јавноста во 2004-та година му нанесоа огромна штета на американскиот воен поход во Ирак, како и на вкупниот имиџ на земјата со ветот – самокритички нагласува поранешниот соработник на Пентагон, Филип Кроули.

“Овие фотографии имаа стратешка важност. Зборуваме за војна на идеи и кога се прашуваме зошто загубивме во Ирак, тогаш е јасно дека Абу Граиб одигра важна улога!“