1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Американската демократија е во опасност!”

Штефан Деге
17 ноември 2020

Умира ли демократијата во САД? На ова и некои други прашања поврзани со САД по изборите одговара филозофката Сузан Најман, шефица на берлинскиот Ајнштајн Форум.

https://p.dw.com/p/3lOS1
USA Kapitol
Фотографија: Getty Images

Две недели по претседателските избори во САД, демократскиот кандидат Џо Бајден излезе како победник, а, сепак, актуелниот претседател Доналд Трамп има добиено повеќе гласови отколку на последните избори пред четири години. Најновиот исход отвора многу прашања. Најитното: како стојат работите за американската демократија во длабоко поделеното американско општество? Дали има способност за дијалог?

„Јас сметам на американскиот уставен патриотизам”, вели германскиот историчар Хајнрих Аугуст Винклер. САД за него се наоѓаат во длабока општествена криза, предизвикана од стравовите за пропаст присутни кај дел од населението.

Дури и во случај на повторен избор, на Трамп немало да му успее да ги „шлајфува” институциите на демократијата, смета тој. „Изборите покажаа и дека американската демократија е жива”, вели Винклер во интервју за Дојчландфунк.

Американскиот политиколог и автор на книгата „Како умираат демократиите” (2018), Даниел Циблат, смета дека дебатната култура во САД страда од „долготраен распад на меѓусебното признавање”. Против тоа помагало само промена на законите: „Нормативите се еден вид флексибилен гелендер”, вели Циблат во разговор со берлински „Тагесшигел“ и додава дека „ако флексибилните гелендери веќе не држат, потребни се поцврсти, односно закони, можеби дури уставни измени за наново да се дефинира политичкиот простор”.

Даниел Циблат предава на Харвард. Од 2021 година ќе биде соработник на Новиот институт во Хамбург, кој се занимава со еколошки, економски и политички промени во нашето општество. На слични прашања е посветен и Ајнштајн Форумот од Потсдам. Директорката Сузан Најман во разговор со ДВ го коментира изборниот резултат во САД.

Deutschland Susan Neiman
Сузан НајманФотографија: Karlheinz Schindler/dpa/picture alliance

ДВ: Професорке Најман, дали, според Вас, претседателските избори во САД имаат добар исход?

Сузан Најман: Не е доволно добар, не очекував дека 71 милиони Американци кои во изминатите четири години го доживеаја шоуто Трамп ќе сакаат повторно да го гледаат. Тие 71 милиони се шок. И ситуацијата во Конгресот останува енормно тешка. Овој човек, кого Обама го нарече фашист, за малку ќе добиеше натамошни четири години. Цел свет ќе страдаше од тоа. Така погледнато, исходот беше добар, но не доволно добар.

Повеќе: Претседателски избори во САД 2020

Дали резултатот не отсликува пред сѐ колку длабоко е поделена земјата, која покрај тоа е оптоварена и со пандемијата?

Да, секако. Кампањата беше екстремно тешка заради пандемијата. Многу Демократи кои вообичаено одат на улица од врата до врата, сега не излегоа. Републиканците пак не следеа никакви хигиенски правила. Поделбата помеѓу Републиканците и Демократите е зголемена.

Сега две групи од населението непомирливо се спротивставени. Што се губи притоа?

Се плашам дека тоа се базичните реформи. Се работи за повеќе од нив. На пример, нашиот изборен систем, како што покажаа овие избори, е застарен 200 години. Системот на изборен колеџ треба да биде отстранет. Политичари и правници веќе долго време го бараат тоа. Но, за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Конгресот, што е тотално нереалистично. Итно потребни се социјални реформи кои за Европејците се подразбираат, но во американски уши звучат како утопија. Не зборувам дури ни за здравствено осигурување за секого. Во САД нема боледување, а тоа не го ни знаат повеќето Европејци.

Дури и во пандемијата луѓето мораат да работат, дури и ако се тешко болни. Немаат слободен ден. Најсиромашните, дали се доставувачи на пакети или вработени во ресторан, инаку не би можеле веќе да плаќаат кирија. За жал, многу Американци го одбиваат како социјалистичко сѐ што звучи како реформа на трудовото право. Ниту една индустриска земја на светот не е во полоша состојба од САД. 

Повеќе: Нов почеток со Вашингтон

Едната половина од Американците се чувствува „откачена” од глобализацијата, напредокот и политичката елита на земјата. Дали е навистина така?

Тоа е мит. Луѓето кои ги гледаме на настаните на Трамп делуваат сиромашни и неуки, најчесто се со вишок килограми и несредени заби. Тоа де факто се „откачените”. Но, другите гласачи на Трамп имаат добри приходи, дури и универзитетски дипломи. Тие го гласаа Трамп бидејќи имаат акции. На берзата и’ одеше добро со Трамп.

Другата половина од народот во Трамп гледа инкарнација на злото, а во неговите поддржувачи - еден вид негатори на реалноста. Дали е таа перспектива поисправна?

Да, апсолутно. Може да ми се префрла дека заземам страна. Но, четири години гледавме дека Трамп не е во состојба да почитува вредности и норми. Најјасно видливо беше кога ги навреди паднатите американски војници во Првата светска војна.

Мислев дека тоа политички ќе му го скрши вратот. Нели се вели „Таа генерација паднала за да го ослободи светот од фашизам”. Нив да ги опишеш како „губитници и несмасни“ во Америка е бласфемија.

Но, тоа го покажува неговиот светоглед. Не знае за друго, освен својот материјален интерес. Не разбира дека луѓето може да дејствуваат и од други мотиви. Уште полоши се неговите фашистички методи: да пушташ теории на заговор во светот, да ги демонизираш медиумите како лажливци, правосудството да го злоупотребуваш за сопствено советување, да демонизираш секаков вид соработка, да ангажираш полицајци против луѓе кои мирно демонстрираат, сето тоа се фашистички методи.

Притоа човекот нацистите ги нарече „многу пристијни луѓе”. Ако тоа не е зло, не знам што е.

Умира ли демократијата во САД?

Јас сум филозоф, а не пророк и поради тоа можам само да кажам: демократијата е загрозена. Но многу граѓански движења ми даваат надеж, пред се’ „Животите на црнците се важни“, најголемото социјално движење во историјата на Америка. По него, 75% од Американците велат: „Систематскиот расизам е голем проблем“. Значи, сепак нешто се движи. Прашањето едноставно гласи, што можеме да сториме за овој недемократски систем? Некои работи остануват отворени.

Ровови се’ уште има. Од каде треба дојде помирување?

Притисокот одоздола поместува многу нешта во американската историја –граѓанските движења, движењето на жените, ЛГБТ движењето. Прашањето е дали овие движење ќе може да бидат спакувани во едно национално движење, кое нема да зборува за идентитет, туку за вредности. Многу млади луѓе препознаваат како неолиберализмот им ја уништува иднината. Значи гледам надеж на среден рок. Но, ситуацијата и натаму е несигурна. 

Популизмот се шири неконтролирано во многу земји – со истите механизми како во САД?

Не е исто. Дури и самиот збор популизам е екстремно проблематичен, бидејќи не може да се дефинира. Да бидеме искрени, во Унгарија или Полска има чист десен радикализам. Национализмот или подобро трибализмот, е наједноставното решение. Кога има проблем, секогаш е полесно прстот да се впери кон друг. Одеднаш нема емиграција, нема странци и.т.н. Потоа, тука е глобализацијата којашто со право ни дава чувство дека демократијата не функционира правилно. Не знаеме кој е на чело. Шефовите на држави не го контролираат светот, голема моќ лежи и во рацете на мултинационалните концерни. Насекаде во светот, без разлика дали е Сингапур или Јужна Америка, постои истата тенденција – против глобализацијата и за сопствените традиции. Ова повлекување е исто така разбирливо. 

Дали демократијата сѐ уште е модел на иднината?

Да, но само под еден услов. И не знам дали е тоа реално – имено да инвестираме повеќе ресурси во образованието. Притоа не мислам само на училиштата и универзитетите, туку пред се’ во слободни јавни медиуми. Тие се суштината на една демократија. Во спротивно, можеме да заборавиме на демократијата.

Американската филозофка Сузан Најман од 2000-та го води Ајнштајн Форум во Потсдам, фондација за јавно право и место за меѓународна научна размена.