1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албански пасоши за сите Албанци во светот?

5 август 2010

Воздржаност, критика, но и дискретна поддршка на дел од интелектуалците Албанци во Македонија на иницијативата на 62 албански интелектуалци - на сите Албанци во светот со декрет да им се дадат албански државјанства.

https://p.dw.com/p/OcKS
ТиранаФотографија: DW

Шеесет и двајца албански интелектуалци упатија барање до претседателот Бамир Топи да потпише декрет со кој сите Албанци, каде и да живеат, може да добијат албанско државјанство.

Според нив, државјанство треба да добијат сите Албанци кои живеат во таа држава, како и сонародниците во дијаспората. Барањето тие го засноваат на членови од Уставот на Република Албанија, наведувајќи дека не бараат ништо повеќе од она што е запишано во Уставот и преамбулата.

„Доколку претседателот Топи го потпише декретот убедени сме дека премиерот Сали Бериша веднаш ќе го реализира, бидејќи уште пред дваесеттина години вети дека секој Албанец е државјанин на Албанија“, стои во барањето.

Се шпекулира дека околу 5 милиони Албанци во другите држави и иселеништвото би можеле да добијат албански пасоши. Промотори на оваа иницијатива во Македонија уште од минатата година се писателот и публицист Ким Мехмети и Артан Груби, претседателот на албанската невладина организација „Разбуди се“. Со различни изговори тие не прифатија да дадат изјави за Дојче Веле.

Што велат некои од другите интелектуалци од оваа етничка заедница во земјата?

Алиу: Идејата не е лоша, но дали е во вистинско време?

Поетот, писател и дописен член на МАНУ Али Алиу смета дека не треба никого да загрижува идејата за давање албански државјанства за сите Албанци во светот и нагласува: „Ваквото барање во Албанија тешко дека ќе може да се артикулира заеднички: тоа бара некој политички консезус. Претседателот на Албанија не е оној што ќе може со еден декрет да го реши тоа. Оваа идеја за двојно државјанство е многу постара: таа датира уште од почетокот на 90- тите години, која прв ја спомена сегашниот албански премиер Сали Бериша. Мислам дека неговата тогашна намера беше да им се олесни на Албанците комуникацијата и минувањето на границите без тешкотии и процедури. Во димензијата на оваа визија тука нема ништо лошо. Сега, како тоа може да се одрази врз политичките околности во Македонија, Косово и воопшто на Балканот? Не знам дали сега е најповолното време за ваквата иницијатива на албанските интелектуалци. Сметам дека нивната иницијатива барем засега ќе остане само идеја без реализација.“

Albanien Land und Leute Kafe in Tirana
Се шпекулира дека околу 5 милиони Албанци во другите држави и иселеништвото би можеле да добијат албански пасошиФотографија: Mimoza Dhima

Кадриу: Ќе се блокира интеграцијата на Албанците во Македонија

Осман Кадриу од Правниот факултет на ФОН универзитетот во Скопје се задржува на можните последици врз внатрешното интегрирање на Албанците во македонското мултиетничкото општество: „Ако се случи тоа, а не верувам дека таа иницијатива ќе се оствари, тогаш тоа ќе има битно влијание во смисла на блокирање на процесите на интегрирање на Албанците во Македонија како држава.“

Artikelbild Karte Grafik Westbalkan BOS bosnisch Albanien, Bosnien und Herzegowina, Kosovo, Kroatien, Mazedonien, Montenegro, Serbien

Политикологот Малиќи од истиот универзитет има поинакво мислење. „Нема да има проблем околу внатрешното интегрирање на Албанците во земјата, како и во однос на она што им значи ним државноста на Македонија. Сепак, тие ја чувствуваат оваа држава и како своја.“

Малиќи: Со декрет не, туку со закон

Малиќи дополнува: „Постојат инидивидуални права на граѓаните, а секако дека тоа е и добивањето државјанство. Тоа мора да биде со барање, затоа што така предвидува законот. Овие работи не се решаваат со декрет, туку со закони. За да дојде до такво нешто, би требало да уследат измени во законот за државјанство на Албанија. Одговорните во Македонија и во Албанија би требало да водат грижа како иницијативата на албанските интелектуалци да добие легитимна и легална основа, за да не се нарушат уставните определби и законската рамка. Мислам дека и ова барање на интелектуалците од Албанија ќе се догради и ќе се усогласи со постојните стандарди и процедури на Европската унија.“

Tetovo, Mazedonien
Мислењата на граѓаните Албанци во Македонија се различниФотографија: Petar Stojanovski

Професорот Кадриу е убеден: „Не може да се прифати ’ан блок“ сите Албанци надвор од територијата на Албанија по автоматизам, со сила на закон, да можат да добијат државјанство на Албанија. Ние сме, сепак, државјани на оваа земја - Македонија. Се‘ треба да остваруваме преку нашата држава. Не гледам дека ќе имаат некои посебни благодети македонските Албанци, ако бидат примени во државјанството на Албанија.“

„Тоа не ме интересира, овде сум роден и овде живеам!“

Дојче веле побара коментар и од Илија Ацески, професор од Институтот за социологија на Државниот универзитет во Скопје: „Ова води во прилог на големоалбанската идеја, дека Албанците се еден народ - сега и во политичка смисла. Албанците во Македонија ќе бидат се‘ помалку заинтересирани за нивното интегрирање во македонската држава.“

Tetovo, Mazedonien
Работите не се решаваат со декрет, вели МалиќиФотографија: Petar Stojanovski

Во секој случај, како и да заврши оваа иницијатива во Албанија, националните чувства се веќе разбудени и во Косово, Прешевската долина на југот на Србија, во Македонија ... Дел од македонските Албанци во искажувањата, пренесувани од медиумите на нивниот јазик, велат дека тие би сакале да имаат државјанства и пасоши не само од Албанија, туку и од Косово како држава.

Некои од граѓаните Албанци од Тетово за ДВ го велат и ова:

„Тоа би било правилно, како што треба.“

„Правилно би било да имаме и албански државјанства, ама не и државјанство на Косово.“

„Не ме интересира, овде живеам, овде сум роден.“

„Ние ја имаме Македонија, што ми треба тоа таму? Сега ни‘ треба нам овде, ние да го имаме нашето право во Македонија!“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема