1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што помага против мамурлак?

ЕМФ | дпа
1 јануари 2020

Опуштено расположение и огномет се составен дел на новогодишната ноќ, исто како и чаша алкохол за наздравување. Но, кога ќе се испие повеќе, први јануари може да помине во знакот на мамурлакот. Што помага против него?

https://p.dw.com/p/3VZ2b
Junger Mann mit Kater (Symbolbild)
Фотографија: Fotolia/Focus Pocus LTD

Оној кој во новата година влегува со мамурлак е болен, навистина болен. Тоа е утврдено и со судска одлука. Симптоми како умор, главоболки и нагон за повраќање се надвор од природните осцилации на човечкото тело, пресуди судот во Франкфурт. Оттука, реклами со ветување дека ќе биде намалено страдањето предизвикано од алкохолот не се дозволени кога станува збор за прехранбени намирници.

Мамурлакот е болест за која по правило не е потребен лекарски третман. Сепак, научниците се занимаваат постојано со оваа тема и се обидуваат да најдат начин за намалување на симптомите преку употреба на природни состојки.

Така, корејски научници на група од 25-годишни мажи прво им дале 100 милилитри виски, а потоа воден раствор со црвен гинсенг. Контролна група пак добила исто толку виски, а потоа воден раствор со плацебо ефект, односно без дејство. Во крвта на мажите од групата која добила гинсенг алкохолот се разградувал многу побрзо, па и ризикот од тежок мамурлак бил далеку помал.

Индиски научници неодамна спроведуваа тестови со десетици животни намирници, а го следеа разградувањето на алкохолот со помош на ензими во епрувета. Нивниот резултат е следен: мешавина од круша, сок од лимета и кокосова вода може да помогне за побрзо пребродување на проблемите од мамурлакот. Доколку се додадат и домат и краставица ефектот може да се засили уште повеќе, но тоа не е вкусно, се вели во студијата.

DW Wörter der Woche | Symbolbild Katzenjammer
Мамурлакот зависи и од личната чувствителност и реакција на болкаФотографија: picture-alliance/chromorange

Мудри луѓе од дамнина се обидувале да пронајдат средство против последиците од алкохолните ексцеси. Неодамна е откриен и папирус на стари Египќани кој за „алкохолната главоболка“ советува околу вратот да се стави ѓердан од исплетени цветови на еден вид мочурипна мирта. Дали тоа им помагало на алкохоличарите пред 2000 години не е познато.

Ако веќе не е најден лек за мамурлак, може ли тој барем да се спречи? Одговорот е - не! Еден стар совет во Германија гласи: „Немој да пиеш пиво по вино, туку обратно“. Научниците го истражиле овој мит и дошле до сознание дека за мамурлак не игра улога по каков редослед се пие алкохолот, туку колкаво количество алкохол се пие.

Symbolbild Katerstimmung Kater Alkohol
Важно е што пиеш, а не по кој редослед пиешФотографија: Fotolia/lassedesignen

Но, она што прави разлика е видот на алкохол што се пие. Експеримент на американски научници покажа дека бурбонот предизвикува посилен мамурлак од вотката. Научниците тоа го објаснуваат со тоа што бурбонот има околу 37 пати поголем удел на т.н. конгенери, односно хемиски супстанции кои се создаваат при производството на алкохол.

Во новогодишната ноќ или на друго славје, сеедно - како ќе се чувствувате по пиењето алкохол зависи и од личната чувствителност. Како ќе се чувствувате во состојба на мамурлак е, се разбира, и субјективно, зашто тој е еден вид болка, а издржливоста на секој од нас е различна, велат научниците.