1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците пијат најмалку алкохол во Европа?!

БГ
12 септември 2018

Годишниот извештај за здравјето на Светската здравствена организација покажува дека конзумирањето алкохол во Европа расте, но Македонија е на дното. Луѓето во Европа живеат подолго.

https://p.dw.com/p/34k2X
Symbolbild Alkoholkonsum
Фотографија: Colourbox

Животниот век на Европејците е во пораст, соопшти европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО), но предупреди дека напредокот е под закана од ризици како пушење и раст на процентот на дебелината.

Просечната очекувана старост во 2015 година била 77,9 години - една подолго од 2010 година. Сепак постои јаз од околу 11 години меѓу земјите со највисока и најниска очекувана старост. Во Луксембург таа изнесува 83,1 година, додека во Молдавија 71,6 години.

Извештајот кој се вика „Европски извештај за здравјето 2018“ опфаќа 53 држави, меѓу нив и Македонија.

Жените имаат подолг очекуван животен век од мажите, иако јазот е намален на 6,6 години. Жените во Европа во просек живеат 81 година, додека мажите - 74,5. Жените во Франција, на пример, во просек живеат до 86 години, но во Русија само до 65-годишна возраст.

Земјите-членки на европскиот регион на СЗО во 2012 година се согласија за шест клучни цели за 2020 година, меѓу нив: намалување на предвремените стапки на морталитет, зголемување на очекуваниот животен век, и промоција на универзален пристап до здравствена заштита.

Infografik Kosten Konsum Europa Vergleich Mazedonisch
Според Еуростат, Македонија е најевтина земја во Европа според цени на производи и услуги во 2015 година

Пушењето, алкохолот и дебелината беа наведени како рискантни фактори кои би можеле да го сопрат напредокот кон остварување на целите.

Грција и Србија се рекордери по стапката на пушачи која изнесува околу 40 проценти. Европа е позната и како регион со најголема конзумација на алкохол, во просек - 8,5 литри по жител годишно. Рекордер е Литванија со малку над 15 литри по жител, додека Македонија, изненадувачки, има најнизок просек од 1,1 литри по жител.

Повеќе од половината од европското население - речиси 59 отсто - имале прекумерна тежина, додека стапката на дебелина е околу 23 отсто.

Во овој дел, Македонија е при самиот врв во однос на прекумерната тежина и дебелината - со просечна стапка од речиси 40 проценти кај децата на возраст од 11 години и нешто под 30 отсто кај адолесценти на возраст од 13 години. Добра вест е дека Македонија е на дното во однос на пушењето цигари од страна на адолесценти на возраст меѓу 11 и 13 години.

Европскиот извештај за здравјето се објавува на секои три години.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема