Ципрас може да биде спасот и за разгалените Грци и за ЕУ
28 јануари 2015Со доаѓањето на Алексис Ципрас на власт сеништето на европските политичари се префрли на политичката сцена. Тој не само што сака да им стави крај на мерките за штедење, туку сака да ги зголеми и социјалните издатоци. Неговите барања звучат како да мисли дека некој треба вечно да му ја финансира државата. Но, новиот премиер брзо ќе сфати дека таквиот однос нема да му мине во Брисел, а уште помалку во седиштето на ММФ во Вашингтон. Претставниците на ММФ и онака веќе подолго време велат дека не разбираат зошто Грција треба да добие подобри услови од другите земји погодени од кризата.
Секој кој ја следи политиката на финансиско спасување на ЕУ последниве години, веројатно ќе извлече и уште неколку заклучоци. На пример, одговорот на вообичаено резервираниот портпарол на Европската комисија на прашање на грчки новинар: зошто од неговата земја се бараат толку големи буџетски заштеди? Портпаролот одговори со прашање: а зошто Грција троши толку повеќе на разни социјални бенефити од Португалија, која беше во слична криза. Таа земја веќе ги спроведе мерките за консолидација, и повторно застана на нозе, слично како и Ирска. На врвот на грчката криза, словачки владин претставник се пожали дека од неговите сограѓани се бара да го одржат стандардот на живеење во Грција, за кој луѓето во Словачка можат само да сонуваат.
Простор за соработка
Затоа Ципрас не треба да очекува многу симпатии во Брисел. Но, тоа не значи дека ЕУ треба веднаш да заземе конфронтирачки курс кон новиот премиер. Не затоа што Ципрас треба да има некаков специјален попуст, туку затоа што има простор и ЕУ да го реализира својот интерес. Ципрас е левичарски народен трибун преку кој се канализираше омразата кон двете традиционални политички партии во Грција. Пасок и Нова Демократија ја уништуваат државата во изминатите 40 години преку политичкиот непотизам, корупцијата и лошото економско раководење. Подемот на Ципрас е нивниот крај. Тој победи на изборите не само поради противењето на штедењето, туку и затоа што вети дека ќе стави крај на стариот политички систем.
Ова треба да биде новата појдовна точка на ЕУ. И покрај повеќегодишните реформи, во Грција сѐ уште нема ефективен систем за наплата на даноци и катастар. Огромната бирократија ги кочи инвестициите. Најбогатите Грци ниту еднаш не беа повикани да преземат дел од товарот од кризата. Ни социјалистите, ниту конзервативците немаа храброст да влезат во судир со нив. Кој го спречува Ципрас да го стори тоа? Сигурно не ЕУ.
Со други зборови, само политички аутсајдер како Ципрас може од темел да ја растресе таа држава, и тука лежи и шансата.
Прашање е: дали може, и дали сака тоа да го стори? Доколку неговата цел е само да најде надворешен виновник за кризата на Грците, брзо ќе падне. Веројатно на Грција ќе и‘ биде потребно ново, делумно кастрење на долговите. Веројатно земјата ќе добие и уште подобри услови за отплата на долгот. Европејците веќе сигнализираа подготвеност за такво нешто. Но, доколку земјата сака да избегне да моли за пари на секои неколку години, потребни и‘ се темелни структурни реформи за да стане конкурентна. Доколку Ципрас почне да го решава тој проблем, тогаш ЕУ ќе може да соработува со него. Во тој случај, неговата изборна победа- вистински кошмар за многу Европејци- може да стане и благослов.