1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Ако се изрази волја за помош, не значи дека се прифаќа посредничка улога во спорот со името

Тони Гламчевски26 ноември 2013

Дали во Франција се менува ставот за спорот со името и приклучувањето на Македонија кон ЕУ? Француски дипломати и експерти за ДВ го коментираат актуелниот момент во односите Париз-Скопје и приклучувањето на РМ во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1AOjL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Франција секогаш и целосно е на страната на Македонија во нејзините амбиции за европските перспективи, изјави шефот на француската дипломатија Лорен Фабиус по средбата од македонскиот колега Никола Попоски во Париз, избегнувајќи директно да одговори на прашањето на Дојче веле - дали може да се очекува поддршка на Франција на идниот европски самит во декември за да се деблокира ситуацијата околу почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Но очигледно е дека по долготрајниот застој во политичките односи меѓу двете земји, дојде до видливо затополување. Прво францускиот претседател Франсоа Оланд се сретна со македонскиот претседателот Ѓорге Иванов, по што следуваше и вчерашната (25.11) средба на шефовите на дипломатии на двете земји. За наредната недела во Париз е најавена и посета на владината делегација на Македонија, предводена од премиерот Никола Груевски, која ќе треба да ги претстави можностите за инвестирање во Македонија.

Поместување на позициите на Париз во однос на спорот со името?

Во Брдо, францускиот претседател Франсоа Оланд јасно истакна дека „Франција е подготвена да бара решение“ за проблемот со името на Македонија. Ова „поради квалитетниот однос“ што таа го има со Грција. Притоа Оланд констатира дека „прашањето за името го блокира моментално процесот и ние не може да застанеме тука.“

Syrien Francois Hollande Pressekonferenz
Франсоа ОландФотографија: REUTERS

Неодамнешната реакција на француската мисија при ОН во однос на спорот со името сведочи дека на еден начин Франција „се вклучи“ и дека е „подготвена да ја игра својата улога“, во едно прашање кое „го комплицира процесот премногу долго“, како што призна францускиот претседател.

Анонимен висок француски дипломат за Дојче веле го повтори тоа што ни беше речено од еден негов колега пред неколку месеци, односно дека ангажирањето на официјален Париз е „искрено“, но тоа не значи дека ако францускиот претседател изразил волја да помогне во решавањето на спорот со името прифатил да игра и улога на посредник.

Изјавата на Франсоа Оланд и затоплувањето на односите на релацијата Париз-Скопје дојде само една година по смената на станарот во Елисејската палата. За време на мандатот на Никола Саркози (2007-2012) Франција беше меѓу земјите кои најмногу ја бранеа грчката позиција.

Неодамнешната средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел со посредникот на ООН, Метју Нимиц, само потврдува дека Берлин и Париз се заинтересирани за решавање на спорот со името, кој уште повеќе ја усложнува ситуацијата во земјите од Западен Балкан. Тука нашиот анонимен соговорник ги посочува Косово, Србија и Босна и Херцеговина.

Nicolas Sarkozy und Giorgos Andrea Papandreou
Папандреу и Саркози во 2010. година (архива)Фотографија: AP

Соговорникот на ДВ, притоа посочува дека „од друга страна на земјите членки на сегашнава ЕУ им беа потребни речиси три години за да ја променат нивната позиција во однос на признавањето на независноста на Република Македонија, на кое се противеше Грција, и покрај позитивните препораки на Арбитражната комисија, со која претседаваше Французинот Роберт Бадинтер. Затоа не треба да се очекува некое брзо раздвижување по ова прашање. Но со самиот факт, што прво Оланд, а потоа и Меркел изразија јавен интерес за спорот, јасно е дека има раздвижување на европската дипломатија.“

Во интерес на ЕУ е да ги апсорбира земјите од Балканот

Кристоф Бујо, професор по политички науки на Институтот за политички науки од Гренобл, за ДВ објаснува дека „е доволно да се погледне картата за да бидеме убедени дека ниту една светска или регионална сила во развој не може да си дозволи на едно од своите крила да има простор кој не го контролира целосно, како тој кој во моментов го сочинуваат Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија.“

„Дали може да се замисли САД да не ги апсорбираат Аризона, Јута или Ново Мексико? Ако Европската унија во сегашнава форма ја преживее кризата која е во тек, таа ќе се прошири според геополитичката логика на целиот Балкан“, завршува со анализата професорот Бујо.

Symbolbild EU-Erweiterung
Фотографија: Getty Images

Неговиот колега Жерар Босуа од Универзитетот Сержи-Понтуаз, каде ја држи катедрата Жан Моне, смета дека ЕУ има интерес да ги интегрира сите земји од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. „Судирите се се‘ уште можни во регионот, како меѓу Македонија и Грција која го оспорува и самото име на земјата. Ова само ги наведува другите земји членки од ЕУ, да им дозволат влез на Албанија и Македонија во Европската унија, за да можат полесно да ги следат тензиите меѓу турбулентните балкански народи“, вели тој.

Професорот Босуа, кој е автор на многу книги посветени на европската интеграција, заклучува дека „зачленувањето на овие мали земји во ЕУ, како на пример Македонија (со 2 милиони жители), нема да ја измени ранотежата во ЕУ, како во однос на населението, така и во однос на економијата. Значи потребно е овие земји да се примат во ЕУ, надевајќи се дека тоа ќе биде фактор за стабилизација на регионот!“, завршува тој.