1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филтер за вода што спасува животи

28 ноември 2010

Јужноафрикански научници развија филтер за вода што може да спаси бројни човечки животи. Имено, филтерот ќесичка за вода не само што ги отстранува бактериите од нечистата вода, туку и ги уништува.

https://p.dw.com/p/QDcb
Филтерот изгледа како филтер ќесичка за чајФотографија: Jacques Botha/University of Stellenbosch

Марелизе Бота ги спроведува последните тестови пред да започне индустриското производство на филтерот. Микробилогот од универзитетот Штеленбош во Јужноафриканската Република ја цеди водата од една пластично шише од половина литар низ мал филтер сличен на ќесичка за чај. Процедената вода потоа се анализира: „Филтерот е ефтино решение. Многу е поефтин отколку водата во продавниците или кој било друг филтер на пазарот. Лесен е за користење, а ќе може да го користат и луѓето во непристапните региони. Освен тоа, филтерот не ги отстранува само бактериите од нечистата вода, тој дури ги уништува. На тој начин бактериите не можат повторно да дојдат во водата“, објаснува Марелиузе Бота.

Wasseraufbereitung mit einem Teebeutel
Професорот Јуџин КлутиФотографија: Jacques Botha/University of Stellenbosch

Интерес за новиот филтер покажале бројни хуманитарни организации, па дури и ОН. Големиот интерес всушност и не изненадува, бидејќи само во Африка живеат околу 300 милиони луѓе , кои немаат пристап до чиста вода за пиење. Професорот Јуџин Клути и неговиот тим сосем случајно дошле на идејата за филтерот за вода: „Нашите истражувања на почетокот воопшто не одеа во таа насока. Ние всушност развивавме филтер за индустриски постројки. Но, кога се работи во лабораторија, тогаш правиме мали експерименти. Ги видов резултатите што ги постигнавме со мали количества вода и тогаш дојдов на идејата да се направат мали филтри за вода“, вели професорот Клути.

Од идејата се развила голема иновација

Подоцна професор Клути и неговиот тим дошле на идеја да ги искористат вреќичките за чај. Место камилица или жалфија во филтерот за чај се става активен јаглен, кој од водата ги издвојува штетните материи. Новина е постапката на обработка на хартијата за филтрирање. На хартијата се нанесувааат биоциди, односно материи кои ги убиваат микроорганизмите. Бактериите на тој начин не само што се филтрираат од водата, туку и се уништуваат. Филтерот за еднократна употреба се става во адаптер што може да се прицврсти на скоро сите вообичаени пластични шишиња: „Ја користиме нанотехнологијата за да им помогнеме на најсиромашните во светот и да им го промениме живот во позитивна смисла. Ова е голема надеж за нив. Нема повеќе децата да умираат од диареа, бидејќи пиеле нечиста вода“, вели професорот Клути.

Wasseraufbereitung mit einem Teebeutel
На сликава може добро да се види колку бактерии се задржуваат во ќесичките за водаФотографија: Jacques Botha/University of Stellenbosch

Наука за општеството

Луѓето од институтот Штеленбош во близината на Кејптаун се горди на нивните колеги. Филтерот за вода е еден од нивните први успеси, откако работат по новиот концепт за истражување. По соочувањето со неславното минато, времето на апартхејдот, беше основан проектот „Надеж“. Во иднина научниот центар ќе се концентрира на решавање на проблемите со кои се соочуваат луѓето во Јужноафриканската Република и африканскиот континент, вели Дезмонд Томас, иницијатор на проектот: „ Филтерот е добар пример за институциите како што е Штеленбош и другите универзитети во Јужна Африка, кои биле дел од системот на неправдата. Ние се соочивме со тоа и одлучивме да ги поправиме грешките на минатото.“

Мотото на универзитетот во иднина ќе гласи: „science for society”- „наука за општетсвото.“ Тоа е амбициозна цел, која универзитетот не може сосема сам да ја оствари. Затоа студентите и професорите наскоро ќе тргнат на турнеја по светот со цел да информираат за нивниот проект и да бараат можности за соработка во Африка, Америка и Европа.

Wasserverkauf in Kibera
Оние што имаат вода не смеат да ја пијат затоа што е загаденаФотографија: DW

Надеж за најсиромашните и најзагрозените

Веќе на почетокот на идната година хуманитарните организации бесплатно ќе им ги делат филтерите за прочистување на водата на најзагрозените и најсиромашните. Професорот Клути е задоволен: „Многу возбудлива ситуација. Јас како научник во состојба сум да го вложам целото мое знаење, креативноста и техничките можности за да им помогнам на милиони луѓе во светот.“

Автор: Јерг Попендик/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска