Тежок пораз за Џорџ Буш
30 септември 200895 пратеници на Демократската партија, гласаа против планот за санација. Останатите 133 гласови „НЕ“, на изненадување, дојдоа од редовите на републиканците. Тежок пораз за претседателот Џорџ Буш, кој изрази голема разочараност. Во својот вчерашен (29.09.2008) говор пред пратениците, тој нагласи дека гласањето за предлогот значи глас за економска безбедност на американските граѓани. Меѓутоа, многу пратеници, пред се‘ од Републиканската партија, стравуваат од лутината на луѓето дома, во нивните изборни кругови. Републиканците сакаат ниски даноци, слободен пазар и помало влијание на владата. Во дебатата, дел од нив предупредуваа дека се воведува социјализам во САД. Шефот на мнозинството републиканци во Конгресот, Џон Бенер, изјави: „ Американците се лути, исто така и моите колеги. Тие не сакаат да гласаат за закон каков што е овој. Јас го разбирам тоа. Но, од друга страна, ме загрижува што тоа ќе значи за американскиот народ, нашата економија и работните места. Мислам дека треба да вложиме дополнителни напори и да најдеме решение кое ќе има поддршка на Конгресот“, изјави Бенер.
Демократите ќе соработуваат
Претседателот на Конгресот, Ненси Пелоси, од редовите на демократите, пред гласањето излезе со позитивни оценки. Во првичната реакција по отфрлањето на предлогот, таа подвлече: „Кризата не е надмината. Мораме да работиме и натаму заедно. Повторно пружаме рака на соработка кон Белата куќа, кон републиканците, за да можеме да најдеме решение за прашањето. Тоа е потребно за американските семејства, за зајакнување на нашата економија“, изјави Пелоси.
Лоша презентација во јавноста
Експертите сметаат дека главната причина за неприфаќањето на планот за санација, вреден 700 милијарди долари, е неговото лошо презентирање во јавноста. Обичниот народ добил претстава дека банките, а не тој, се оние на кои со овој план ќе им се помогне. Досега нема јасна линија за натамошните чекори на владата.