1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортско игралиште на кое завршуваат сите соништа

Аитор Саез
5 декември 2018

Преполни прифатилишта, неуспешни обиди за премин на границите и без надеж дека ќе им се исполнат соништата: репортажа за животот на мигрантите во камп во мексиканскиот пограничен град Тихуана.

https://p.dw.com/p/39KKj
Mexiko Migranten an Grenze zu USA in Tijuana
Фотографија: Reuters/E. Garrido

Реата се чувствува уште на влезот во спортскиот комплекс Унидад Депортива Бенито Хуарез. Улицата покрај мобилните тоалети не се поминува поради неподносливата миризба. Од контејнерите висат отпадоци од храна и облека. Невозможно е да се помине спортското игралиште, а да не се сопнете од шатор или ќебе со кое е направено импровизирано живеалиште. Во еден од ходниците на теренот ветрот постојано ја врти прашината предизвикувајќи кашлица кај оние кои имаат проблеми со дишните патишта уште од почетокот на патувањето.

„Во тоалетите има неподнослива реа и нечистотија. Мажите спијат на улица. Децата често се разболуваат. Многу е нечисто овде. Многу страдаме“, се жали Хорхелина Руиз од Хондурас, од градот Сан Педро Сула, која со своите две деца, на тригодишна и петгодишна возраст, седи на тротоарот пред стадионот.

Овој камп е направен за прифаќање на 3.000 мигранти. Но, сега овде живеат 6.000. Пренатрупаноста е неподнослива. Недостасува храна и соодветна помош. „За да добиете малку храна мора да стоите и да чекате два часа. Сето ова и луѓето наоколу ве прават да се чувствувате очајно“, раскажува Вилмер Мехија, додека чека во долгата редица за да добие една чинија со ориз и грав.

Повеќе: Насилството на границата со Мексико предизвикува поделби во САД

Оптимисти и разочарани

Од минатата недела расположението во кампот е меланхолично. Никој не дотрчува за да земе прв дел од помошта од хуманитарците. Никој не ги вознемирува луѓето со нови вести, нема информации како најдобро да се стаса до северот.

„Доста беше жестоката акција на американските сили. Мигрантите се многу вознемирени. Забележаа дека реалноста е различна од тоа што им се прикажувало, дека мора само да дојдат до границата и потоа е лесно да се дојде до САД”, вели Виктор Коронел, задолжен за мигрантите во локалната полиција. Тој најмногу време поминува во логорот.

Немирите по екалацијата и одговорот на САД караванот го дели на оптимисти и очајни. „Уште имам сила. Некогаш си мислам да се предадам, но сум силен и имам визија дека сѐ ќе биде добро. Сиот напор не смее да биде залуден. Заради моите деца мора да гледам напред”, вели Нурија Орелана со подигната тупаница.

Неколку шатори подолу Марија Елена Рејес седи на земја и пие чаша млеко со пријателката. Двете сфатиле дека патот им бил залуден: „Тажни сме и разочарани што нема да ни се исполни сонот.”

Mexiko Migranten Karawane in Tijuana
Меланхолија во кампот „Бенито Хуарез“Фотографија: picture-alliance/Zumapress/El Universal

Почнува промена во рамислувањето

Да се остане во Тихуана под овие услови изгледа просто невозможно. Има и мигранти кои воопшто не може да се вратат во нивната матична земја, каде избегале од организираниот криминал. „Тука лежиш на земја како животно, но барем имаш надеж за живот. Ако се вратиш во твојата земја, ќе те убијат”, вели Хавиер Пињеда од Ел Салвадор.

Улицата покрај стадионот е полна со шатори на домашни и меѓународни организации. По судирите од ноември, настана потреба да им се даде одговор на оние кои ги сменија плановите - дали ќе може да останат во Мексико или мора да се вратат во татковината. Функционери на групата Бета, мексиканска служба за миграција, за ДВ изјавија дека бројот на доброволци е тројно зголемен.

„Американците нема да попуштат, нема да ги отворат границите и што да правиме ние сега? Ништо. Подобро да се вратиме да си работиме во нашата земја. Нема многу работа, но барем има подобро услови од овде”, потврдува 43-годишниот Хорхе Алварадо од Хондурас. „Знаеме дека Мексико е опасна земја. Јас ја напуштив мојата земја и таму немам ништо веќе и зошто сега да се враќам?”, вели Беси Мартинез, додека ги држи двете мали ќерки за рака.

USA Mexiko l Tränengas gegen Migranten an der Grenze
Американската гранична контрола со солзавец против мигрантите на границата со Мексико (25.11.2018)Фотографија: Reuters/H. McKay

Само малкумина досега се простиле од американскиот сон. Мнозинството сепак нетрпеливо чека во привремените сместувалишта на нови информации. Но, план за иднината немаат ниту оние кои го придружуваа караванот низ цело Мексико до тука. Растечката несигурност меѓу мигрантите ја ублажува само надежта и вербата што ја имаат.

„Имам надеж и верувам во Бога дека ќе ми дадат азил, бидејќи Бог е на моја страна”, вели Кенија Гутереш на појадокот со нејзините тројца внуци и тетка во еден од шаторите кој е наменет за максимум три лица. Најмалку два месеца трае процесот за одобрување азил, што е предолго време за да се издржи под отворено небо. „Ако никој не презема ништо и мексиканската влада не се погрижи веднаш за решавање на проблемот, ситуацијата ќе излезе од контрола”, предупреди директорот на социјалната служба од Тихуана, Мануел Фигуероа, кој сега е задолжен за надзор на сместувалиштата.

Со неколку гранати солзавец САД се одбранија од караванот кој претходно помина преку 4500 километри низ Мексико. Само 2 илјади метри го делат спортскиот комплекс Бениту Хуарез од граничниот премин Ел Чапарел. Од логорот се гледа САД и американското знаме. Мигрантите брзаат пред да падне ноќта да обезбедат ќебиња, некои држат стража. Американскиот сон се претвори во кошмар.