1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Софтвер-пионерот Мекафи пронајден мртов во затвор

СН/агенции
24 јуни 2021

75-годишниот творец на познатата антивирусна софтверска програма, е пронајден мртов во затворската ќелија во близина на Барселона. Американското правосудство го гонеше Џон Мекафи за затајување данок.

https://p.dw.com/p/3vT99
Anti-Virus Creator John McAfee im Gefängnis verstorben
Фотографија: LiPo Ching/Bay Area News Group/MCT/abaca/picture alliance

Шпанското министерство за правосудство во куса изјава соопшти дека сето укажува на тоа оти се работи за самоубиство. Неговиот адвокат Хавиер Вилаба за Ројтерс изјави дека сите работи укажуваат дека се обесил.

Веста за пронаоѓањето на телото стигна само неколку часа откако Шпанија одобри негова екстрадиција во САД, каде му се закануваа 30 години затвор за затајување данок. Мекафи беше уапсен минатата година во Шпанија и оттогаш се наоѓаше во затворот во близина на Барселона.

Тој беше уапсен ден откако американското јавно обвинителство објави дека е поднесено обвинување против него бидејќи не пријавил милиони долари приход од промоција на криптовалути, консултантски услуги, конференции и од правата за снимање документарен филм за неговиот живот.

McAfee Firmenzentrale
Фотографија: Imago

Повеќе: Американските милијардери речиси и да не плаќаат данок на доход

Според обвинението од јуни минатата година, Мекафи не плаќал данок меѓу 2014 и 2018 година, а приходите му биле исплаќани на банкарски сметки и во криптовалути на имиња на други лица за да избегне да плати данок. Истражителите, според медиумите, го поврзале Мекафи со десет случаи на избегнување на плаќање данок и исто толку случаи во кои на инвеститорите во криптовалути им ветувал профит, а се проценува дека така заработил 23 милиони долари.

Американските власти преку Интерпол издадоа налог за апсење и побараа негова екстрадиција. Мекафи беше пионер на ативирусни софтвери.