1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиромаштијата во Германија зема замав

10 декември 2006

Во Германија официјално сиромаштијата расте, потврди неделава Заводот за статистика. Тема што, особено пред Божик, е “мотор“ за многу хуманитарни акции.

https://p.dw.com/p/AeYa
Барем еден топол оброк дневно: народна кујна во Хановер
Барем еден топол оброк дневно: народна кујна во ХановерФотографија: dpa

Двете најголеми цркви на Германија, католичката и протестантската, неделава официјално ги стартуваа традиционални хуманитарни кампањи. Тие го ползуваат сочувството на нивната паства што се засилува во времето спроти Божик за да повикаат на собирање донации за различни проекти во светот, за гладните во Африка, на пример.

Акциите се секако за пофалба. Секој спасен детски живот, каде и да е во светот, е добро, богоугодно дело. Но, со нив истовремено се врти вниманието на јавноста кон маките на далечните земји, делумно заборавајќи ги оние на сопствените сонародници. Во Германија официјално сиромаштијата расте, потврди неделава Заводот за статистика. Во деновите спроти Божик денешната рубрика му ја посветуваме на овој тренд.

Наспроти неспорно позитивниот тренд на стопански план со засилена стапка на економски пораст, бројките велат дека 10 милиони Германци се загрозени или веќе живеат под границата на сиромаштијата. Тоа изнесува околу 13% од целото население. Ова произлегува од статистичките податоци што беа собрани на европско ниво во 2005-та. Бернд Греслер испрати извештај за податоците што се однесуваат на Германија.

Веднаш мора да се каже дека критериумите за сиромаштија се мерени според европските стандарди, нагласува Валтер Радемахер, од германскиот Завод за статистика:

“Тоа не е апсолутна мера што може д се споредува со некоја земја во развој, туку станува збор за релативна дефиниција на сиромаштијата.“

Во ЕУ како загрозени од сиромаштија се сметаат оние кои располагаат со помалку од 60% од просечните месечни примања. Оние пак кои имаат дури помалку 40% - тие се сметаат навистина за сиромашни. Такви во Германија има само 4 проценти од вкупното население.

Како главни причини за сиромаштијата се смета невработеноста, недостатното образование и регионалната припадност. Во Германија на пример луѓето кои живеат во источните покраини од поранешната германска Демократска Република, се натпросечно загрозени:

“Дури 20% од младите луѓе на Истокот од Германија се загрозени од сиромаштија“ - посочува Радермахер.

Без социјалната помош и помошта за невработени, како и другите давачки како детскиот додаток, во Германија од сиромшатија би било загрозено дури една четвртина од наслението.

Сиромаштијатата има свој лик

Кои се луѓето од ново дефинираниот “подслој“? Како дошле до тоа дереџе? Зошто има толку сиромашни пензионери или самохрани мајки, кои не можат со свои средства да го врзат крајот со крај? Сето среде богата и развиена земја како Германија!

Сара Бос се упати во една народна кујна во Берлин за да му даде лик на апстрактниот “подслој“.

Ѕвоната на црквата Свети Павле во берлинскиот кварт Целендорф се огласуваат секој ден на пладне. Во малата сала покрај црквата владее голема живост, многу поголема отколку на неделните миси во црквата. Во салата се наредени едноставни дрвени маси, украсени пред Божик со по некое гранче. Празно столче покрај масите нема. Тесно е, но пријатно во топлата сала исполнета со мирис на вариво.

Доброволци од црковната општина три пати неделно ги снабдуваат гладните со барем еден топол оброк. Ги има педестина на број, појаснува Розмари Мете, социјален работник и раководител на проектот:

“Луѓето кои доаѓаат овде се претежно мажи со ниски примања. Или се приматели на помош за долгорочно невработени или пак имаат мала пензија. Сите имаат толку мали месечни примања, што со радост ја корисат оваа можност за да им стасаат до крајот на месецот.“

Неодамна Сојузниот германски суд пресуди дека 345-те евра од социјалната помош за невработени се доволни за добар живот во земјата. Со тоа ја отфрли тужбата на една жена, која тврдеше дека со оваа сума пари се нарушува нејзиното човечко достоинство. Розмари Мете сосема и‘ дава за право, нагласувајќи: “Човекот не живее само од леб“. За многумина е најтешко тоа што се исклучени од општествениот живот поради недостатокот на пари.

Дитер го нарековме тенко градениот човек од средни години, кој не сакаше да го открие вистинското име. Тој носи црвен џемпер, а крагната на кошулата под него е внимателно испеглана. Забележлив е напорот да изгледа пристојно и чисто:

“Човек сака секако да биде задоволен со фризурата и затоа оди кај стариот фризер што го познава веќе со години. Тоа меѓутоа чини 30 евра. На фризерот не можам да му дојдам со потврда оти сум примател на помош за невработени и да барам намалување на цената. Од такво нешто би ми било многу срам. Не мора да ми пишува на челото оти сум примател на помош, или?“

Бидејќи Дитер е во 50-тите години има малку надеж дека повторно ќе најде работа. Луѓето од негова возраст речиси да немаат шанси на пазарот на работна сила, тврди тој од искуство. Порано, како раководител на персонално одделение во една фирма заработувал доволно, но денес го опфаќа безнадежност.

“Навистина е непријатно кога ќе чујам во медиумите дека ние сме биле премногу мрзливи за да си најдеме работа. Работа фактички нема, во земјава има шест милиона невработени. Радо би работел, секако нешто што нема да ми носи помалку, одколку помошта што ја добивам.“

За разлика од оваа народна кујна, каде доаѓаат пред се‘ постари луѓе, на само два три километри понатаму, во еден друг кварт на Берлин, доаѓаат помлади. Но, не на супа и вариво, туку за да подигнат пакет прехрембени производи од добротворната организација при црквата Свети Мартин.

Мајке има 30-тина години, по струка е дипломиран биолог, но без работа. Преживува од помошта за невработени и од парите што ги добива кога ќе подработи овде-онде како помошна работна сила. Меѓу другото помага токму во црквата при издавањето храна. Вели дека многу тешко и‘ паѓа што мора да бара помош, а во народна кујна не би одела по никоја цена – освен ако не ја натера сиромаштијата и на тој чекор:

“Порадо сама си готвам, а овде помагам. Но, на почетокот ми беше многу непријатно. Во меѓувреме, бидејќи овде имам и некаква задача, сепак имам чувство дека работам за тоа што го добивам. Но, за сето ова не можам никому да му кажам. Моите познаници и пријатели не сакаат да слушаат кога се обидувам да им кажам, велат немој да зборуваш понатаму или тврдат дека дури ним им е срам што слушаат. Во оваа земја за сиромаштијата не се зборува!“

Ваквиот менталитет на Германците не ги менува меѓутоа фактите од суровата реалност. Од разните видови народни кујни живеат половина милион нивни сограѓани. Една третина се деца и млади. На повеќе од 1.000 места ширум земјата на сиромашните им се делат прехрамбени производи, што ги донираат претпријатија од регионот. Бројот на оние, на кои ваквата помош им е неопходна е и понатаму во пораст.

Мајке би била најсреќна кога би можела како дипломиран биолог да се вработи, на пример, во некој природен резерват или во некое претпријатие од секторот за заштитата на човековата околина:

“Се‘ уште се надевам дека ќе најдам работа и дека не завршив факултет за бадијава. Исто така се надевам и дека ќе можам да останам во Германија. Но, од ден на ден е се‘ потешко, така што сум принудена да почнам да размислувам да заминам во некоја друга земја, на пример во Швајцарија или Норвешка. Иако не знам дали таму е подобро. Многу ми е страв да заминам во странство и да бидам соочена со фактот дека таму всушност не е подобро отоколку овде, во Германија!“