САД го заостри тонот кон Кина
18 јануари 2011Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон изминативе недели упати недвосмислени зборови:
„Америка и понатаму ќе врши притисок врз Кина, кога цензурира блогери и затвора активисти, кога не се почитуваат религиозните слободи, кога се апсат адвокати само поради тоа што нивните клиенти ја критикуваат владата, и кога некои, како Шен Гуангченг, се под надзор и по излегувањето од затвор.“
Со строга политика до конструктивен дијалог
При нејзината посета на Кина во 2009 година, министерката Клинтон истакна дека почитувањето на човековите права е приоритет на американската надворешна политика, но исто така нагласи дека човековите права не смеат да претставуваат пречка за другите интереси. Тоа наиде на критики од активистите за човекови права, како Софи Ричардсон од организацијата Хјуман Рајтс Воч:
„Според тоа ако водат попустлива политика кон кинеската влада, поверојатно е дека Кинезите ќе соработуваат околу прашањата како атомскиот конфликт со Иран, Северна Кореја, или монетарната политика. Нашите сознанија говорат дека на почетокот владата задолжително мора да биде строга. Тогаш е поверојатно остварувањето на конструктивен и континуиран дијалог.“
Попустливата политика е погрешна
Владата на Обама согледа дека попустливоста на помага, истакнува Ден Твининг, поранешен вработен во американското министерство за внатрешни работи и поранешен советник на сенаторот Џон Меккејн:
„Состојбата во Северна Кореја е полоша отколку пред две години. Не сметам дека Кина успешно влијаеше врз Северна Кореја, во смисла на постигнување мир, напротив. Кинезите ја заштитија Северна Кореја од меѓународниот притисок и поради тоа Северна Кореја ја премина границата и доведе до дестабилизација на регионот.“
Кина не може да биде единствениот партнер при решавањето на глобални проблеми, објаснува експертот за Азија, Твининг:
„Владата на Обама согледува дека во поглед на климатските промени и други проблеми, под формирањето на мултиратерални коалциции не се подразбира изолација на Кина. Тоа е мотивација за Кинезите, да пристапат во коалициите.“
„Г2“ не постои
Тоа го истакна и министерката за надворешни работи Клинтон, која рече дека „Г2“ не постои.
Пресвртот во политиката на САД кон Кина се наѕираше уште во декември минатата година. По повод доделувањето на Нобеловата награда за мир на кинескиот дисидент Лиу Ксиаобо, претседателот Обама од Кина побара тој да биде ослободен.
Борците за човекови права сега се надеваат дека дијалогот за човековите права помеѓу САД и Кина, за кој се договорија претседателите Обама и Ху во септември 2009 година, сега ќе заживее. Поодлучната политика на САД кон Кина ги радува и европските сојузници, оти тоа значи дека нивното мислење почесто се зема предвид.
Автор: Кристина Бергман/Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Симе Недевски