1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руте: Холандија не е среќна со бугарската блокада

БГ
6 октомври 2021

Холандија ќе стори се што е во нејзина моќ да се одблокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија, изјави пред почетокот на самитот во Брдо, премиерот Марк Руте

https://p.dw.com/p/41KV9
Niederlande COVID-19 | Premierminister Mark Rutte
Холандскиот премиер Марк РутеФотографија: Phil nijhuis/AFP

Холандскиот премиер Марк Руте смета дека ќе треба да се почека завршувањето на изборите во Бугарија за да се надмине блокадата на Софија кон Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. 
„Јас не сум среќен со фактот што се блокирани пристапните преговори со Северна Македонија и сметаме дека тие треба да бидат деблокирани што побрзо. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија, и ние ќе сториме се што можеме за тоа да се случи“, рече Руте пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан во словенечкото Брдо кај Крањ.  
Бугарскиот претседател Румен Радев пред состанокот порача дека членството на Северна Македонија е многу важно за регионот, но објасни дека суштината на проблемот е „системската дебугаризација“ која се спроведува во земјата. 
„Системското уништување на бугарското културно историско наследство во таа земја. Нашите позиции се јасни- се додека тој процес продолжува и се газат основните права, ние нема како да кажеме ’да’“, рече Радев. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го потенцираше економскиот план вреден 30 милијарди евра за помош на регионот и рече дека се работи за „многу важен самит".
„Од самитот сакаме да испратиме многу јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во ЕУ и дека ги сакаме во ЕУ. Шесте земји изодеа долг пат, спроведоа големи реформи, останува работа во владеењето на правото, судството и слободата на медиумите, но мораме да го признаеме напредокот“, рече Фон дер Лајен. 

Nord-Mazedonien Skopje | Ursula von der Leyen und Zoran Zaev
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и македонскиот премиер Зоран Заев во СкопјеФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача дека земјите од регионот на Западниот Балкан „ни се блиски, не само историски и географски, туку и економски". 
„Доколку ЕУ не им понуди јасна перспектива на овие земји, тогаш треба да ни биде јасно дека други суперсили како Кина, Русија или Турција ќе играат уште поголема улога. Овој регион географски и припаѓа на Европа и потребна му е европска перспектива“, рече Курц. 

Финската премиерка Сана Марин, одби директно да го коментира прашањето за надминувањето на бугарската блокада, но рече дека се надева оти „ќе имаме некоја поконкретна порака за луѓето од Западниот Балкан". 

Словачкиот премиер Едуард Хегер рече дека самитот е многу важен затоа што и Западниот Балкан е многу важен за проширувањето на ЕУ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи