1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за името е на дофат!?

25 ноември 2009

Името е најдено, се преговара околу неговото користење, вели претседателот на Мешовитиот комитет Јорго Шацимаркакис, кој нагласува дека во институциите на ЕУ може само да се констатира напредокот на Македонија кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/KgCG

Германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис, очигледно добро информиран за текот на преговорите околу решението за името, во изјава за Радио Дојче веле, истакна дека двете страни покажале подготвеност да дискутираат и да најдат решение за името, кое веќе е најдено, но не е само прашањето на името, туку и неговото користење. „Двете земји веќе го имаат најдено името. Но, како што реков неговото користење е тоа што создава проблеми. Но, со духот кој владее во моментот, мислам дека имаме можност да најдеме решение сега.“

Jorgo Chatzimarkakis
Јорго ШацимаркакисФотографија: picture-alliance/ dpa

Според него не треба да се очекува многу од средбата меѓу Груевски и Папандреу, за потоа да не дојде до разочарување од резултатот. Шацимаркакис дополни оти се надева дека парламентот ќе ги охрабри двете страни да создадат позитивна рамка во разговорите за името. Шацимаркакис, претходно предупреди дека заедничкиот Мешовит комитет не е место каде треба да се дискутира за името на земјата, туку за нејзиниот напредок. Тој, исто како и европратениците, кои зедоа учество во дискусиите, оценија дека постои нов елан во односите меѓу Македонија и Грција, по извештајот на Европската комисија и изборите во Грција.

Германскиот европратеник не го криеше задоволството по завршувањето на состанокот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Македонија, поради фактот дека тој помина во многу конструктивна атмосфера, што не било секогаш случај на овие состаноци. Навистина, ова беше нов состав на делегацијата и нејзин прв состанок по нејзиното конституирање.

Рен: Македонија е способна да ги отвори преговорите

Европратениците, кои ќе работат на приближувањето на Македонија кон ЕУ, беа почестени со претставувањето на извештајот на Европската комисија за постигнатиот напредок на земјата лично од еврокомесарот Оли Рен. Во воведното излагање Рен го нагласи напредокот на Македонија, која според него, сега е способна да ги отвори преговорите со Европската унија. Ова, според комесарот, би бил добар пример за останатите земји од регионот. Тој изрази оптимизам дека се’ уште постои можност да се реши проблемот со името до декемврискиот самит, каде одлуките се носат едногласно. Решението на проблемот со името, само ги зголемува шансите за датум. Рен ги повика европратениците да ги охрабрат нивните влади да донесеат храбра одлука, која ќе биде во насока на стратешките интереси на ЕУ, во кои спаѓа и проширувањето.

Erweiterung Europäische Union
Оли РенФотографија: AP

„Јас сум секогаш професионален оптимист, како комесар за проширувањето, важно е што двата премиера имаат волја да го разрешат ова прашање, исто како и владите и парламентите на двете земји. Мислам дека сега постои нов контекст, нов дух, нова дебата и тие треба да се искористат.“

Позитивно расположение кај европратениците

Македонската пратеничка Славица Грковска Лошкова која ја следеше работата на делегацијата во Стразбур констатира дека постои позитивно расположение кај европратениците. „Секое зрело раководство на држава паметно би го искористило ваквиот момент, којшто никогаш претходно не се појавил за Република Македонија и тешко дека ќе се повтори во идниот период.“

Flaggen vor dem EU Parlament in Brüssel
ЕУФотографија: AP

Пратеникот Петар Поп Арсов пак подвлекува: „Ние истакнавме дека Република Македонија ги прави сите напори за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение во однос на спорот за името. Меѓутоа истакнавме дека тоа е многу голем влог од страна на Република Македонија и дали решавањето на проблемот со името ќе го реши и проблемот на пристапување на Република Македонија кон Европската унија, односно дали Европската унија гарантира дека со решавањето на овој проблем нема да се јават нови прашања, кои ќе ја попречат Република Македонија во иднина, во понатамошниот интегративен процес повторно да се јават ситуации каде ќе бидеме блокирани од некоја пета земја членка на ЕУ.“

Стравувањето на пратеникот Петар Поп Арсов се опрвадани, бидејќи бугарските европарламентарци беа единствените, кои сакаа да прикажат дека Македонија не води добрососедска политика и кон соседите го држи говорот на омразата и национализмот. Тврдења кои беа категорични отфрлени од страна на македонскиот амбасадор Блерим Река, кој учествуваше на состанокот. Бугарската позиција беше критикувана од германскиот европратеник Мартин Кастлер, кој ги потсети дека улогата на делегацијата е да и помогнат на Македонија да напредне на патот кон ЕУ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска