1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распадот на БиХ може да го дестабилизира целиот регион

Дојче веле
13 декември 2021

За разлика од Украина, Западот може брзо да ја отстрани акутната закана за БиХ. ЕУ и НАТО треба да испратат војници, да го поддржат Шмит и да го заменат Додик, пишуваат германските весници.

https://p.dw.com/p/44DTt
Republika Srpska | Sondersitzung des Parlaments
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Распадот на БиХ би резултирал со дестабилизација на целиот регион со несогледливи последици. На ЕУ и се одмаздува тоа што не го сфаќа сериозно развојот на ситуацијата на Балканот, ги третира националистите како партнери и ги навредува проевропските сили, пишува германскиот печат, коментирајќи ја „спорната“ одлука на Парламентот на РС за префрлање на надлежностите од државата на ентитетот. 

„Ова е најексплозивниот чекор на раководството на РС од крајот на војната“, пишува Зидојче цајтунг (СЗ). Но, надзорот над БиХ го има висок претставник, кој има овластување да носи и поништува закони и да отпушта политичари кога работат против државата, како сега Додик. Русија тоа се обиде да го спречи, кога во август Шмит ја презеде функцијата, тврдејќи дека Советот за безбедност на ОН, во кој Москва има право на вето, мора да го потврди изборот на високиот претставник - што не е во согласност со фактичката состојба“. 

„Всушност“, објаснува новинарот на минхенскиот весник, „високиот претставник е избран од Советот за спроведување на мирот не едногласно, туку со мнозинска одлука, а во него има и претставници на Русија. Во својот извештај од 30 октомври, Шмит предупреди дека на „БиХ и се заканува најголема криза од постоењето“ од крајот на војната, но и „реална опасност од вооружен конфликт“ доколку „РС формира сопствена армија“. 

Според Зидојче цајтунг, само 700 војници на ЕУФОР моментално се стационирани во БиХ, иако потребни се минимум 5.000 за ефективно делување, а Шмит се залага за засилување на трупите. Експертите бараат и неколку илјади мировници на Алтеа или војници на НАТО да бидат стационирани на стратешки важниот коридор Брчко. Но, ЕУ и Вашингтон не сакаат да се мешаат. Командантот на трупите на ЕУФОР во БиХ, генерал-мајор Александар Пласер, кој постојано беше политички кандидат на австриската партија ФПО поврзана со Москва, по извештајот на Шмит на почетокот на ноември изјави дека ситуацијата е „стабилна“ и „не е потребно засилување на трупите“. 

„И Додик, не само што не е сменет од функцијата, туку во последните месеци речиси сите американски комесари и амбасадори на земјите од ЕУ му угодуваа“, забележува весникот, посочувајќи дека тој ја обезбедил поддршката и од „неговиот пријател“ Путин. 

Покрај тоа, „Додик ги прогласи сите 140 одлуки на високиот претставник за наводно противуставни, на што амбасадорите на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и претставниците на ЕУ само рекоа дека тоа е уште еден чекор кон ескалација“, забележува Зидојче цајтунг.  

Додик не е единствениот, но тој е најконстантниот паликуќа 

Истиот весник објави и коментар, во кој се вели дека Додик не може да се опише како „единствениот паликуќа во БиХ“. „И хрватските националисти вредно ги сечат гранките на оваа кревка држава. Но, без сомнение Додик е најдоследен во палењето пожар. Неговото незаконско укинување на законот, подготовката за формирање на сопствена армија и де факто отцепувањето претставуваат опасен конфликт и можеби и нова војна. 

Како и таканаречените украински сепаратисти, Додик ја спроведува деструктивната политика на Владимир Путин планирана во Москва. Одлуката на Парламентот на РС, која всушност е подготовка за отцепување, не можеше да дојде без согласност на Путин, кој беше домаќин на Додик неколку дена претходно. 

Bosnien und Herzegowina | Orban-Besuch in Banja Luka
Милорад Додик и Виктор ОрбанФотографија: Dragan Maksimovic/DW

За разлика од Украина, на Запад би му било релативно лесно да ја отстрани акутната закана од Додик. ЕУ и НАТО ќе треба да испратат илјадници војници во БиХ, да му дадат овластување на Шмит да дејствува и да го отстрани Додик. 

Но, за жал, се чини дека тоа нема да се случи. Според Додик и други пиромани, Вашингтон и поделената ЕУ водат фатална политика на отстапки. Германската влада не може да се пожали дека и недостига криза. Сепак, БиХ не е на нејзината листа на приоритети. Но, тоа може да се промени доколку распадот на БиХ продолжи со ова темпо“, се вели во коментарот на весникот.  

Стратегијата на Додик е одамна воспоставена 

Милорад Додик премина од зборови на дела и сериозно ја доведе во прашање БиХ, без разлика што мерките ќе стапат на сила дури за половина година, се наведува во коментарот на весникот Тагесцајтунг (Тац). „Овој српски националист ги предизвикува сите оние кои во БиХ и не само таму се залагаат за демократија, западни вредности и човекови права. Се чини дека стратегијата за реорганизирање на Балканот е одамна решена, пишува „Тац“, додавајќи: „Клучно е што Русија ги поддржа антидемократските сили на Балканот во последните години и најде стратешки доверлив партнер во Вучиќ. Преку непријателите на либералната демократија во ЕУ, како Орбан, Путин може да влијае на политиката на Брисел. 

Конфронтацијата се протега не само долж украинската граница, туку и на Балканот и во самата Европска Унија. Затоа, не треба да чуди што ниту Брисел, ниту Берлин досега не се обиделе да стават крај на таквата стратегија. Една од најголемите грешки на Ангела Меркел беше „додворувањето“ на српскиот диктатор Вучиќ до последен момент. 

Позициите на српските и хрватските националисти беа зајакнати во последните месеци и од посредникот на ЕУ за БиХ, Анџелина Ајхорст. Резултатот од таквата политика сега може да се види. На Босанците им останува само надежта во Вашингтон и новата влада во Берлин. 

Српското раководство сака да го раскине мировниот договор 

За настаните во БиХ коментираше и Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). „Раководството на босанските Срби сака да го раскине мировниот договор со кој заврши војната во БиХ во 1995 година. Повторувањето на овој крвав кошмар е малку веројатно, но распадот на БиХ ќе резултира со дестабилизација на целиот регион со несогледливи политички последици. Сега ѝ се одмаздува на Европската Унија што не ги сфати доволно сериозно случувањата на Балканот во последните години, третирајќи ги авторитарните националисти како партнери и навредувајќи ги проевропските сили“. 

Понатамошниот развој на ситуацијата сега зависи од тоа колку „брзо и решително ќе дејствува Западот“, а особено ЕУ. „ЕУ сè уште има најголемо влијание во регионот, кој е целосно опкружен со земји-членки. Но, нејзината позиција е ослабена, бидејќи Кина и Русија се поактивни во областа. Со оглед на повеќе од пријателски односи меѓу раководството на босанските Срби и Москва, тешко е да се поверува во случајност на симултаните закани за Украина и избувнувањето на нова криза на Балканот“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема