1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогнозите за климата се невозможни!?

24 ноември 2009

Научниците со години се обидуваат да одгатнат што се крие зад климатските промени и кои се факторите кои ги предизвикуваат, но досега, тоа им успеваше со ограничен успех. Прецизна прогноза- не е можна.

https://p.dw.com/p/KdZZ
Климатските промени не можат да се прогнозираатФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Институтот за истражување на последиците од промената на климата во Потсдам, 300 научници се обидуваат да разберат како ќе се развие земјата во претстојниот век. Тоа е тешка работа, вели членот на Управниот одбор Фридрих Вилхелм Герстенгарбе: „Не постојат прогнози за климата. Тоа најверојатно ќе ве изненади, но прогнозата е секогаш прецизен опис на состојба која се развива. Климатскиот модел е машина од типот ’ако-тогаш’, што значи дека доколку вашите претпоставки со текот на времето се сменат, ќе имате одреден резултат. Значи, нема прогнози, туку само сценарија за промена на климата.“

Во „срцето“ е голем компјутер со околу две илјади процесори, кој е меѓу најбрзите во светот. Климатски модели се понекогаш толку сложени, што и со такви супер-сметачи се потребни неколку месеци за да пресметаат се’, вели научникот Тим Берингер. „Моделите се полнат со одредени податоци, и колку помалку резултати знаеме за нештата за кои мораме да внесеме податоци, толку е поголема несигурноста или грешката во резултатите“.

Многу фактори ја отежнуваат прогнозата

Glacier Chacaltaya
Глечерот Чакалтаја во Боливија, до средината на 90-те години беше прекриен со снегФотографија: AP

Но не е само човечкиот фактор непознаница. За прецизни проценки мора да се земат в предвид и морските струи, вегетацијата, ледената покривка, атмосферската хемија и низа други фактори. Меѓутоа, научниците не ги разбираат сите тие процеси. Работата ја отежнуваат и т.н. „нестабилни“ елементи- регионите и процесите кои многу чувствително реагираат и на најмалите промени на климата.

Со секоја непозната, се мултиплицира сложеноста на компјутерската симулација. Сценаријата кои произлегуваат од климатските модели се неверојатно различни. Неспорно е дека промената на климата доведува до пораст на нивото на морето, забрзано создавање на пустини и екстремни временски појави. Сепак, размерите на сето тоа остануваат нејасни. Прогнозите за порастот на нивото на морето до 2100 година, се движат меѓу 18 и 79 сантиметри. Меѓутоа, прогнозите за растот на температурата се целосно воедначени. Според позитивното сценарио, просечната температура до крајот на векот ќе порасне за 1,8 степени целзиусови, а во спротивно, доколку не се намали емисијата на штетни гасови, порастот ќе биде за цели 6,4 степени.

Автор: Денис Штуте/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска