1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Проблемот на Тексас со оружјето и домашниот тероризам

Карла Блајкер
2 септември 2019

Гувернерот на Тексас, по масакрот во Ел Пасо, формираше специјална група против тероризмот во сопствениот двор. Критичарите се разочарани од тоа кој седи во работната група, но пред сѐ од тоа кој не е вклучен во неа.

https://p.dw.com/p/3Os79
USA Gedenken in El Paso
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ralston

На почетокот на август еден  човек во супермаркет во Ел Пасо, Тексас, застрела 22 лица и повреди уште десетици.  Ел Пасо е пограничен град, па осум од жртвите беа од Мексико. Убиецот, пред да го изврши делото, на интернет објавил манифест во кој меѓу другото предупредува и од „инвазија“од латиноамерикански доселеници  во Тексас. Како реакција на  масакрот,  кого властите го окарактеризираа како акт на омраза и внатрешен тероризам, гувернерот на Тексас, републиканецот Грег Абот, формираше „Специјална единица за борба против домашниот тероризам". Во петокот групата ја одржа првата средба. Групата ќе им помага на органите на прогонот во борбата против домашниот тероризам, се вели во соопштението за печат кое го лиферуваше канцеларијата на Абот по повод нејзиното формирање.

„Наш највисок приоритет е да се погрижиме за тоа, нашите сограѓани во Тексас да се чувствуваат безбедно во својата средина," рече Абот. „Дел од оваа мисија е да се бориме против домашниот тероризам и да ги искорениме екстремистичките идеологии, како и да ја ослободиме нашата сојузна држава од  омраза и насилство."

Членови од различни институции и политичари

Една од задачите на антитерористичката специјална група е развој на политички стратегии во борбата против тероризмот во Тексас. Освен тоа, оваа единица треба да придонесе кон подобра соработка меѓу локалните власти и нивните колеги на сојузно и државно ниво.

Членовите, кои треба сето ова да го достигнат, доаѓаат од различни области на администрацијата во Тексас. Покрај гувернерот Абот, кој е дел од групата и неговиот заменик Ден Патрик, во неа се вклучени и други политичари, како на пример, портпаролот на Претставничкиот дом на Тексас. Останатите членови доаѓаат од раководни позиции во противпожарната служба, полицијата и војската и други институции.

„За да се реши еден проблем, прво мораме да признаеме дека имаме проблем, така што формирањето на ваква специјална работна група за борба против домашниот тероризам е чекор во вистинска насока", изјави Мани Гарсија, лидерот на Демократите во Тексас. Но, тој го критикуваше фактот дека во групата се вклучени само Републиканци. Несфатливо е дека гувернерот не вклучил претставници од групите кои „секојдневно се борат против ширењето омраза", како на пример Лигата за борба против клевета или Националната асоцијација за напредок на „обоените“ луѓе.

Специјалната група е само театар?

Покрај именуваните претставници, во групата се вклучени и членови на американската тајна служба, ФБИ како и на царината и пограничната заштита. На критичарите им пречи оваа спојка. Тие стравуваат дека активностите на оваа група ќе бидат насочени против имигрантите. Марио Карило е раководител на тексашкото биро на невладината организација „Американски глас“, која се залага за правата на имигрантите. Тој вели дека работната група нема да стори многу за да го снема стравот кој се појави кај доселениците и латиноамериканското населението во Тексас по масакрот во Ел Пасо.

USA | Greg Abbott | republikanischer Gouverneur von Texas
Гувернерот Абот на комеморацијата за жртвите на масакрот во Ел ПасоФотографија: Getty Images/AFP/J. A. Juarez

Членовите на специјалната работна група, како заменик гувернерот Патрик и Кен Пакстон, генералниот јавен обвинител на Тексас, „и во минатото постојано користеа антидоселеничка реторика и донесоа закони кои не ги загрозуваат само имигрантите, туку и Американците со шпанско потекло, како што покажа и масакрот од Ел Пасо," вели Карило за ДВ. „Во случај да не се подготвени да увидат и сфатат дека нивните зборови оставаат последици, тогаш се плашам дека оваа специјална група е само театар."

Да се земе во предвид и гласот на малцинствата"

Друга точка во полемиката: сите именувани членови, освен два исклучоци, се белци, со што не се застапени групите кон кои беше насочен масакрот во Ел Пасо – латиноамериканското население, како и населението во Тексас, кое повеќе од една третина е со шпански корени.

„Се прашувам колку може да биде ефективна оваа специјална единица, кога во неа нема членови на групите кои беа погодени од масакрот," вели Карило. За да биде сигурен дека напад како во Ел Пасо нема повеќе да се повтори, гувернерот Абот мора „исто така да ги земе во предвид и гласовите на малцинствата, кои се и понатаму под голем ризик да бидат жртви на вакви атентати."

Канцеларијата на гувернерот Абот не одговори на прашањата на ДВ во однос на ваквите критики. Во објаснувањето за основање на специјалната работна група, Абот нагласи дека тој сака да ја направи оваа сојузна држава едно подобро место за живеење за сите кои живеат таму: „Ние сме обединети против сите оние кои сакаат да ѝ наштетат на нашата држава, и заедно ќе се бориме за побезбедна иднина за секој Тексашанец."