1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов подготвен да помогне за преговорите

Катерина Блажевска8 јули 2015

По објавата на Зоран Заев дека лидерските преговори се неуспешни од Кабинетот на шефот на државата велат дека како досега, така и во иднина претседателот ќе дава свој придонес за надминување на оваа ситуација.

https://p.dw.com/p/1FvHG
Фотографија: MIA

„Запознаени сме со пораките. Остануваме подготвени да помогнеме". Ова е ставот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, по објавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека преговорите се неуспешни.

Заев на попладневната прес-конференција соопшти дека направил се, за низ дијалог и на цивилизиран начин да се дојде до решение за длабоката политичка криза.

„Разговаравме со Груевски, и покрај судски процеси против мене, и покрај тоа што невини луѓе лежат во притвор, и покрај сите зла што ги направил на граѓаните во Македонија, и покрај тоа што знаеме со кого си имаме работа.

Седевме на заедничка маса бидејќи пред нас ги имавме судбината на Република Македонија и интересите на граѓаните. Му дадовме шанса на преговарачкиот процес. Груевски сака да го одолговлекува процесот, со што им нанесува штета и на граѓаните и на Република Македонија. Од тие причини, на јавноста и соопштувам: Преговорите се неуспешни. Никола Груевски во континуитет го минира договорот постигнат на 2-ри јуни", обвини лидерот на СДСМ.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Фотографија: Petr Stojanovski

Иванов со свој придонес

Од амбасадата на САД, засега нема коментар за објавата на СДСМ, но не е исклучено дека утре може да има заедничка изјава на амбасадите на САД и ЕУ, чии први луѓе, Џес Бејли и Аиво Орав, од почеток беа вклучени во мониторингот на преговарачкиот процес.

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, за Дојче веле најавија континуирани активности на шефот на државата за демократизација на политичкиот дијалог.

„Како и досега, така и понатаму, претседателот на Република Македонија ќе настојува да се создадат услови за демократизација на политичкиот дијалог низ институциите на системот. Впрочем, и првата лидерска средба се одржа на иницијатива на претседателот на Република Македонија, од што се изроди досегашниот политички процес. Претседателот и во иднина ќе дава свој придонес за надминување на оваа ситуација и за повторно воспоставување на политичкиот дијалог онаму каде што му е местото, односно во политичките институции", велат од Кабинетот на шефот на државата.

Коалициски консултации

Опозициската СДСМ најави дека ќе продолжи интензивно да дејствува, користејќи ги сите средства што и стојат на располагање, „се до конечниот пад на режимот", а ќе продолжи и со објавувањето на „бомбите" кои се дел од проектот „Вистината за Македонија".

„Бидејќи не е постигната согласност за елементарните демократски вредности што можат да обезбедат реализација на слободната волја на граѓаните, преговорите се неуспешни. Овие преговори беа шанса за Никола Груевски достоинствено да си замине од премиерската позиција што ја има узурпирано. Нема да дозволиме Груевски да ја тероризира Македонија", рече Заев

Засега не е обелоденет сетот од активности со кои опозицијата ќе ја продолжи битката за дмократизација на Македонија. Најверојатно тие ќе бидат усогласени заедно со коалициските партнери и граѓанските организации.

Kombibild Politiker Mazedonien

„Вечерва ќе заседава Извршниот одбор на НСДП на која ќе се разговара за актуелната ситуација и наредните чекори", најави лидерот на партијата, Тито Петковски. Не е исклучено подоцна да се се одржи и заедничка средба со СДСМ.

Според дипломатски извори, загриженоста за состојбата во Македонија расте.

Со сличен тон, уште пред да биде објавен ставот на СДСМ, се огласи и еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа. На прашањето дали е загрижен за состојбата во Македонија, тој одговори: „Да загрижен сум, бидејќи губат време и според договорот од 2 јуни сите партии, и албанските партии, се согласија и на 19 јуни, дека земјата е им е важна а не личните интереси и треба да ја преземат одговорноста за земјата. Економската ситуација се влошува. Очекуваниот економски растеж од 4 проценти сега е најмалку нула, ако не е и под нулата. Невработеноста е речиси 30 насто. Сите инвестициски одлуки на странските компании се на чекање. Мислам дека над 30 одлуки се ставени на чекање".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема