1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за влада во Италија: Се наѕира крај на агонијата

ЕМФ /агенции
14 мај 2018

Времето за составување влада во Италија притиска, тоа им е познато и на евроскептичните партии Лега Норд и Движењето 5 ѕвезди. Тие сакаат заеднички да владеат, но сѐ уште не е решено едно од клучните прашања.

https://p.dw.com/p/2xf9j
Italien, Mailand Regierungsbildung Luigi Di Maio (M5S) nach Treffen mit Matteo Salvini
Луиџи Ди Мајо по средбата со Матео Салвини вчера во МиланоФотографија: picture alliance/ROPI

Во коалициските преговори во Италија, партиите сѐ уште се во потрага по кандидат за премиер. Евроскептичното Движење 5 ѕвезди и деснопопулистичката Лега Норд во текот на викендот имаа разговори за коалициониот договор, но, како што се вели, одлуката сѐ уште не е донесена.

За пишување историја е потребно време

„Се пишува историја, а за тоа, се разбира, е потребно малку време“, изјави шефот на Движењето 5 ѕвезди, Луиџи Ди Мајо по разговорите со претставниците на Лега Норд во Милано. За имиња не се разговарало, но преговарачката клима е „извонредна“, вели тој. Италијанските медиуми јавуваат дека двете страни во преговорите имаат постигнато договор за околу 20 тематски подрачја.

Повеќе: Победа на популистите во Италија

Лега Норд и 5 ѕвезди почнаа разговори за влада минатата недела и сакаа до вчера да му ги презентираат резултатите од преговорите на италијанскиот претседател Серџо Матарела. Тоа сега е одложено за денеска. Дали денеска ќе биде објавено и името на идниот премиер, не се знае. Се шпекулира дека премиерската позиција нема да ја пополнат ниту Ди Мајо ниту шефот на Лега Норд, Матео Салвини, туку таа ќе му биде доверена на трето, „неутрално“ лице.

И Лега Норд и 5 ѕвезди најавија дека ќе се спротивстават на „диктатот“ од Брисел. На маса се „нови преговори за ЕУ-дговорите“, рече Салвини, додавајќи дека во спротивно „Италија би се задушила“.

На изборите одржани на 4 март Движењето 5 ѕвезди освои најголем број гласови - 32%. Лега Норд освои 17%. Приближувањето меѓу двете партии стана можно откако поранешниот премиер Силвио Берлускони ја повлече својата партија Форца Италија од алијансата со Лега Норд.

Italien Wahl 2018
Движењето 5 ѕвезди освои најголем број гласови на изборитеФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS/S. Guidi

Преговорите меѓу Лега и 5 ѕвезди важат за тешки, иако ги поврзува отфрлањето на ЕУ-буџетските правила. Приврзаниците на 5 ѕвезди се населени претежно на сирмашниот југ, додека базата на Лега на е богатиот север. Движењето 5 ѕвезди бара поголеми социјални услуги, додека Лега сака да ги намали даноците. Италија каска зад остатокот од членките во еврозоната. Освен тоа, земјата стенка под товарот од големи долгови, кои изнесуваат 130% од економското постигнување.