Пратениците не гласаа за измените на Деловникот
24 јули 2010По денешната расправа, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, Вељановски побара половина час пауза, со цел, членовите на опозиционите партии да дојдат во Собранието и да се произнесат во однос на предлог-измените на Деловникот. Откако тоа не се случи, Вељановски ја прекина седницата. „Ако сакаме да се интегрираме во европското семејство, ако сакаме државнички одлуки, треба, пред се, овде, во овој наш заеднички парламентарен дом да бидеме интегрирани за суштинските работи. Сепак, како и да не води судбината, наша и моја обврска е да бидеме оптимисти, постојано да подаваме рака и да укажеме на заедништво и на вистински пат кој не води напред. Во оваа смисла, рака е подадена постојано од моја страна и отворена за изгласување на овој заеднички усогласен текст на Деловникот“, рече Вељановски.
Ништо од пораката за функционален политички дијалог
Изгласувањето на измените на Деловникот со консензус се толкуваше како порака за функционирање на политичкиот дијалог во земјата, што требаше да биде испратена пред одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, закажан за следната недела.
Меѓутоа опозицијата остана на барањето за формирање на посебна комисија за контрола на трошењето на буџетските средства, кое остана единствено спорно прашање и затоа не присуствуваше на денешната седница. Пратениците од владејачкото мнозинство ги критикуваа членовите на СДСМ дека нивното отсуство е најдобар доказ дека посакуваат негативен извештај од Европската Комисија.
Автор:СН/БГ/макфакс/миа
Редактор: Борис Георгиевски