1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Не ни се потребни нови делби

ДТЗ
22 декември 2021

Општество без правда раѓа авторитарни лидер, порача претседателот Пендаровски во говорот, во кој се фокусираше на владењето на правото, безбедносните предизвици, департизацијата на институциите, спорот со Бугарија ...

https://p.dw.com/p/44h5A
Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Фотографија: Presidency of North Macedonia

Претседателот Стево Пендаровски во годишното традиционално обраќање во парламентот повика на национално обединување, претпазливост и конзистентен пристап во однос на решавањето на спорот со Бугарија, фокусирање на домашните задачи и обврски, место опседнатост кога ќе се влезе во ЕУ, почитување на владеењето на правото, место политиката на неказнивост. Тој им порача на граѓаните дека можат да бидат спокојни, и нагласи дека и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. На новата влада и порача дека очекува час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија годинава, од пандемијата и економијата, сè до енергетската криза, која допрва ќе се продлабочува. 

Претседателот им посака на сите во 2022-та да имаат здравје и конечно да ги оставиме зад себе разговорите за вакцини, маски, карантини, изолација едни од други.

„Во годината пред нас, да се обидеме барем малку повеќе и да се почитуваме меѓу себе. Од сите катастрофи на кои сведочевме последниве две години научивме, за жал, на потешкиот начин, дека ако ги немаме најблиските до нас, ништо не вредат ни богатствата, ни куќите, ни парите, ни власта“, рече Пендаровски во годишното обраќање во парламентот, на кое присуствуваа високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници во земјава. Поради ковид-мерките, свеченоста не се одржа во салата „Македонија“, поради што повеќето високи гости, како поранешните претседатели, претставниците на судската власт и други, свеченоста ја следеа виртуелно. 

Говорот на претседателот започна со едноминутна почит за загинатите во несреќата во Бугарија, за починатите во пожарот во модуларната болница и за сите оние коишто годинава настрадаа од Ковид-19. 

Владеење на правото и одговорност 

Говорот на претседателот се фокусираше на владењето на правото, моќта на дезинформациите во време на пандемија, безбедносните предизвици скриени под плашт на големи странски инвестиции на Балканот и во земјата, департизацијата на институциите, преговорите со ЕУ како еден од најважните приоритети, иселувањето на младите... Претседателот побара правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела, 

Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста, според Пандаровски, е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата.

Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста, според Пандаровски, е најдобриот начин да се надмине општествената апатија која се шириФотографија: Presidency of North Macedonia

„Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела“, посочи Пендаровски.

Во контекст на тоа додаде дека големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. „Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат 'брза и ефикасна“ правда“, рече Пендаровски. 

Да не се брза за решавањето на проблемот со Бугарија 

Претседателот Стево Пендаровски смета дека во  решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ не треба да се брза, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на македонските граѓани. Тој смета дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. Доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.

„Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, порача Пендаровски. Притоа додаде дека е потребен внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, според него,  се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес. 

Потенцирајќи дека во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, Пендаровски укажа дека  е потребна далеку поголема грижа за „нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет“. 

Претседателот Стево Пендаровски во редовното новогодишно обраќање се осврна и на состојбата во регионот притоа нагласувајќи дека поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионални играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности, кои, како што рече, не се компатибилни со евро-атлантските. Од овие причини, нагласи, паѓа и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите, што како што истакна е најизразено во Северна Македонија. 

Заедно биевме битки со Заев 

Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Унијата е најдобрата опција за нас, рече ПендаровскиФотографија: Presidency of North Macedonia

На крајот своето обраќање, Пендаровски го прокоментира повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого рече дека „заедно биеле битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права“.

„Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата“, истакна Пендаровски. 

Сакале или не, додаде тој, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот. „Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето“, рече Пендаровски. Тој констатираше дека „малкумина останавме да живееме во татковината, дека сме поделени по многу основи, и оти нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме“. 

Обраќањето е во период кога се очекува формирање нова Влада и оставка на премиерот Зоран Заев. Пратениците од Левица пред обраќањето најавија дека нема да присуствуваат на годишното обраќање на претседателот, наведувајќи дека одбиваат „да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема