1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Ефектите од бугарската блокада се видливи

21 февруари 2022

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неговата најавена средба со бугарскиот колега Румен Радев ќе го почека исходот од меѓувладините разговори за надминување на блокадата од Софија.

https://p.dw.com/p/47Kyy
Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

За Северна Македонија нема безбедносни ризици од бугарската блокада во ЕУ, но негативните ефекти се видливи и во земјата, и во регионот, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за ДВ. 

„Да бидеме на јасно, ако во догледно време не биде тргната бугарската блокада, за нас не постојат никакви безбедносни ризици. Се разбира, ние посакуваме брза деблокада затоа што преговорите за членство се многу пати потврдени како корисен инструмент за реформи и прогрес во клучните области: економија, владеење на правото, професионална администрација, независно судство, борба против корупцијата, но, територијалниот интегритет е надвор од дискусија при каков било развој на настаните. Инаку, негативните ефекти од блокадата се веќе видливи кај нас преку поддршката за евроинтеграциите која е опадната за околу 20 проценти во последниве 18 месеци. Индиректно тоа ќе има свое влијание и во регионот: ако не напредува државата која направи тежок компромис со Преспанскиот договор, многу тешко ќе ги убедите државите кои сѐ уште имаат отворени прашања со своите соседи да го следат тој пример.“ 

Бугарскиот претседател Румен Радев не беше во Минхен, но Пендаровски таму се сретна со бугарскиот премиер Кирил Петков, кому му дал поддршка за новиот пристап во решавањето на проблемот меѓу двете земји. Во однос на најавената средба со Радев, Пендаровски вели дека таа сепак ќе почека други времиња.  

„Во однос на средбата со претседателот Радев, постои редовна комуникација меѓу двата кабинети, но, заеднички заклучивме дека во овој период треба да им се даде шанса на разговорите меѓу двете влади и министерствата за надворешни работи“, вели Пендаровски за ДВ.