1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Длабок јаз меѓу граѓаните и политиката

Михаил Бушујев
28 март 2018

Русија тагува за големиот број загинати во огнената катастрофа во трговскиот центар во Кемерово. Многу луѓе воопшто не им веруваат на властите. Населението и политиката ги дели сѐ поголем јаз.

https://p.dw.com/p/2v72Y
Protestkundgebung in Kemerowo nach Brand in Einkaufszentrum
Фотографија: Reuters/M. Lisova

Мрачни денови за Русија. Размерите на огнената катастрофа во сибирскиот град Кемерово, во која загинаа над 60 луѓе, повеќето од нив деца, ги разгорува гневот и тагата кај населението. Катастрофалниот пожар во трговски центар, кој беснееше во неделата и во понеделникот (25 и 26 март 1818 година), не беше ни првата, ниту најголемата трагедија од ваков вид во Русија во последниве години, но бесот кај населението е невообичаено висок. Една од причините за ова е односот на властите и државно-контролираните медиуми кон катастрофата и жртвите.

Повеќе:

-Шок по пожарот во Кемерово

-Пеколот во Кемерово: Десетици жртви во пожар во трговски центар

Кога во неделата на четвртиот кат од трговскиот центар избувна пожарот и имаше први жртви, големите државни телевизиски канали речиси воопшто не им посветија внимание на случувањата во Кемерово. Дури ден потоа државната телевизија опширно известуваше за трагедијата. И посетата на претседателот Владимир Путин на Кемерово беше во фокусот на медиумите, но големиот собир на централниот плоштад во градот, на кој се собраа 5000 луѓе, остана неспоменат. Покрај тоа, државните медиуми не разговараа ниту со погодените семејства кои загубија блиски роднини во пожарот, ниту со очевидци.

Гувернерот ги разлути луѓето

Гувернерот на Кемерово, Аман Тулејев, предизвика голем гнев, бидејќи два дена по пожарот тој ниту го посети местото на несреќата ниту пак зборуваше со роднините на жртвите. Гувернерот Тулејев владее во регионот веќе 20 години и постојано на Путин му ги обезбедува најдобрите изборни резултати во цела Русија. Тој предизвика натамошно незадоволство и огорченост со тоа што за катастрофата му се извини само  претседателот за катастрофата. За време на изненадувачката посета на Путин во Кемерово, тој рече: „Владимир Владимирович, Вие лично ме повикавте, уште еднаш најмногу Ви благодарам и јас лично Ве молам за прошка за тоа што се случи на нашата територија". Наспроти тоа, гувернерот не им се извини на роднините. Илјадници демонстранти кои побараа негова оставка на митингот на централниот плоштад во градот, ги опиша како „бунтовници" и „мршојадци".

Десетици загинати во пожарот во Кемерово

За Путин, Тулејев мораше да издвои време, но тој не отиде кај луѓето кои издржаа десет часа на студено време на митингот. Таму го претставуваше заменик гувернерот Сергеј Живиљов. Во понеделникот, инаку,  Живиљов, обвини еден демонстрант дека само сака да профитира од страдањето. Демонстрантот, чие име е Игор Востриков, му одговори на заменик-гувернерот дека во пожарот ја загубил неговата сестра, неговата сопруга и три мали деца  од седум, пет и две години.

Дури во вторникот, при постојано растечките протести, заменик-гувернерот одлучи да направи гест: тој клекна пред демонстрантите и ги замоли сите засегнати да му простат. За ова доби аплауз, но и свирежи на негодување.

Russland Gedenken in Kemerowo nach Brand in Einkaufszentrum
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Gavrilenko

Голема недоверба и страв

Многу луѓе во Кемерово веќе не им веруваат на информациите што ги даваат властите. Тврдоглаво во социјалните медиуми се шири тезата дека официјално вчера официјално објавениот број на 67 жртви, меѓу кои 41 дете, се само маневар за прикривање на вистинската бројка на загинати, која е далеку повисока. Се зборува за „стотици" мртви. Овие бројки не се докажани, постојат само анонимни извори. Меѓутоа, група на локални активисти состави сопствена листа. Тие дошле до бројката од 85 исчезнати, меѓу нив 70 деца.

Како вицегувернерот Живиљов го соопшти официјалниот број на загинати пред насобраните луѓе на централниот плоштад на Кемерово, така демонстрантите го дочекаа со долготрајни лути свирежи. Во разговор со дописникот на ДВ на лице место, многу луѓе изразија сомнежи во досегашните резултати од истрагата. Тие ги критикуваа постапките на властите за време и по катастрофата.

Gedenken in Kemerowo nach Brand in Einkaufszentrum
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Но, многумина очигледно се плашат од властите. Владимир Варфоломејев од влијателната радио станица „Ехо Москва", на својот Фејсбук профил пишува дека  повеќе од половина од неговите извори не сакале да биде именувани или дури замолувале да им биде променет гласот. „Притоа не станува збор за терористички акт, за политички заговор, за агресивен воен чин. Колку голем страв би морало да чувствуваат луѓето од Кусбас (името на регионот на руски, н.з.) за да не се осмелуваат гласно да зборуваат за тоа што се случи“, напиша Варфоломејев.

Обврска за молчење за роднините на загинатите

Недоверливи луѓето исто така ги прави и информацијата дека роднините на жртвите морале да потпишат изјава за обврска за молчење при идентификување на жртвите. Руските власти го оправдуваат ова како мерка за заштита на роднините. Сепак, погодените се под впечаток дека со неа практично треба да се сокријат вистинските размери на трагедијата.