Одлуката за визната либерализација со нетрпение се очекува
19 мај 2009Довербата во ЕУ е зголемена за шест насто и сега поддршката за членство на Македонија во ЕУ е над 95 проценти, соопшти американскиот институт ИРИ по најновата анкета. Според информациите добиени од Брисел, Македонија има највисоки оценки за визна либерализација, изјави во меѓувреме во Љубљана шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.
Студентите очекуваат реакција од европарламентарците
Откако во Брисел е поднесена петицијата под мото „Виза-нема шанса“, Самуил Малчевски тврди дека студентската организација на Македонија е во постојан контакт со европските парламентарци:
„Повеќе од 90 проценти од македонските студенти никогаш и не посетиле некој универзитет во земјите од ЕУ. Со тоа што ќе се тргне таа визна бариера, во голем дел ќе му се помогне на голем дел студенти да видат како е да се студира на страна, што значат Еразмус и Еразмус мундус програмите за младите луѓе и како се работи на другите универзитети.“
Стопанството има бариера во работењето
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за Дојче Веле изјави дека бизнис заедницата во Македонија одамна ја очекува одлуката за визна либерализација.
„63 проценти од извозот на Македонија оди кон ЕУ. Не е пријатно за сопствениците, за комерцијалистите на големите компании да паткаат по тротоарите на дипломатските претставништа за да чекаат виза. “
Вице-премиерот Ивица Боцевски е убеден дека Македонија ќе биде ставена на белата шенген листа на ЕУза слободно патување од почетокот на наредната година. Но, резервите се појавија и би требало да ги стимулира контактите и лобирањата во земјите од ЕУ.
„Многу што ќе зависи од знакот во преговорите за името, иако тоа никаде не се споменува, меѓутоа тоа е невидлив услов и е многу важен,“ вели Мерсeл Биљали, професор на ФОН универзитетот во Скопје, реагирајќи на најавите дека Грција нема да ја проблематизира визната либерализација, иако тој не исклучува и тоа да биде искористено како притисок за решавање на спорот со името.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска