1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама пропушти голема шанса

Геро Шлис/превод:БГ13 јануари 2016

Во неговиот последен говор до нацијата, претседателот Обама сакаше да претстави план за иднината на САД, а неговото претседателство да го забетонира како историско. Но, ги разочара очекувањата, смета Геро Шлис

https://p.dw.com/p/1HcIq
Фотографија: Reuters/J.Ernst

Навистина Американци! Состојбата на вашата нација всушност не е толку лоша. Погледнете наоколу, дома и во странство. Вашиот претседател и не е така лош!
Јас тоа ќе им го кажев на милионите граѓани кои пред своите телевизори го гледаа последното обраќање до нацијата на Обама. Според анкетите, мнозинското мислење за претседателот е скепса и незадоволство. Но фактите говорат нешто друго.
Настрана превирањата поради предизборната кампања и озлогласените блокади во Вашингтон, во многу делови од земјата сликата е позитивна. Економијата расте, а со неа и бројот на работните места. Со легализирањето на истополните бракови, САД покажаа социо-политичка храброст и ги оставија зад себе, наводно, напредните држави, како Германија. Овојпат, за разлика од претходните години, Обама успеа да се избори и за добар буџет со републиканците. Имаше успеси и во надворешната политика, како приближувањето со Куба и успехот на климатските преговори во Париз. Нуклеарниот договор со Иран е исто така успех, иако не донесе целосно ослободување од тензиите меѓу двете земји.

Големи политички планови и магични моменти

Обама потроши многу време на оправдување на своите политики во говорот. Но, очекував далеку повеќе од неговото последно обраќање: големи политички планови и магични моменти со кои претседателот ќе им ја претстави на Американците иднината иако повеќе нема да биде на функцијата. Наспроти она што го најави Белата Куќа, уште еднаш добивме традиционална „шопинг листа“ на различни политички проекти. Единствената разлика со претходните години беше тоа што листата овојпат не беше ограничена само на следната година, туку ја опфаќаше и далечната иднина.
Една година пред заминувањето од функцијата, Обама пропушти единствена можност да му даде на своето претседателствување поголемо значење, смерници за иднината, пред голема публика и во рамките на еден историски контекст. За жал, тоа не беше голем говор. Напротив, тоа беше разочарувачки говор.
Можеби не е само Обама виновен за тоа. Околностите едноставно не беа такви. Обама ја презема функцијата со големи цели. Не му недостасуваше амбиција. Сакаше да ги ресетира односите со Арапскиот свет и со Русија и сакаше да ја помири својата- заморена од војни земја, самата со себе, и со тоа да изгради нова основа.
Но во седумте години на власт, поголемиот дел од неговото внимание беше пренасочено кон кризен менаџмент и транзицијата. Тој и неговата земја често беа туркани на границата на издржливост.

Нема промена на менталитетот

Не е случајност што многу се говореше за светска сила во опаѓање за време на владеењето на Обама. Импотентноста на САД можеше да се почувствува во борбата против ткн. „Исламска држава“. Снимките на погубените заложници и нападите во Париз и Сан Бернардино го зголемија стравот кај Американците на невидено ниво.
Обама посочи дека дел од овие стравови се должат и на изборната демагогија на Доналд Трамп. Последиците од нападите на Трамп врз муслиманите се очигледни. Радикализацијата на реториката на републиканските кандидати ја одразува деструктивноста на долготрајната политичка блокада. Апелот на Обама за враќање кон рационалната и конструктивна дебата е во исто време и признание за неуспехот- затоа што тоа беше неговото главно ветување за време на првата изборна кампања.Претседателот отворено го призна својот неуспех. Тоа беше еден од ретките силни моменти во неговиот говор.

Тешки теми

Фактот што Обама повторно повика на засилување на законот за оружјето, имиграциска реформа и затворање на Гвантанамо, не е индиција дека тој верува дека тоа може и да се реализира. Со споменувањето на овие блокирани проекти, Обама се вмешува во актуелната изборна кампања. Неговиот поглед ја надминува оваа година. Тој сака да одлучува и кој ќе го наследи во Белата Куќа и во кој правец ќе оди неговата земја, затоа што од тоа ќе зависи и наследството на неговото владеење. Затоа Обама се обиде да му контрира на негативниот имиџ за земјата кој го претставуваат републиканските претседателски кандидати, со позитивна слика на САД. Во повеќе наврати тој го користеше зборот од првата претседателска кампања- промени. Една од трагедиите на неговото претседателство е што во најдобар случај, само негов наследник од Демократската партија би можел да ги донесе толку посакуваните промени во иднина. Обама ќе замине во историјата како транзициски претседател.