1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неуспешна мисија на ЕУ: Бугарија не попушта

БГ
21 мај 2021

Официјална Софија нема намера да отстапи од својата национална позиција во односите со Северна Македонија, порача шефот на дипломатијата Светлан Стоев. Мисијата на ЕУ уште на почетокот осудена на неуспех.

https://p.dw.com/p/3tj91
Augusto Santos Silva
Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош СилваФотографија: DW/J. Carlos

Шатл-мисијата на шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји подзастана уште на првата станица. Обидот на двајцата европски дипломати да ја убедат Бугарија да попушти и да ја отстрани блокадата за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ доживува неуспех, доколку се суди според официјалните ставови на Софија.
На заедничката прес-конференција, бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев порача дека „не може да се очекува промена во националната позиција“ на неговата земја.
На двајцата ЕУ дипломати попладнево им претстои и посета на Скопје, но засега, сигналите се дека тешко ќе се изнајде решение.
Повеќе бугарските медиуми пишуваат дека Бугарија веќе го отфрлила предлогот за компромис кој го изготвила Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ. Наводно, тој предлог многу малку се разликувал од ланскиот кој беше дискутиран во Берлин, под покровителство на германското МНР. Иако првично тој предлог-документ беше прифатен од Бугарија, тогашната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева го отфрли веднаш откако се врати во Софија.

Некои од компонентите и во првичниот и во новиот компромис се обврската на С. Македонија да прифати дека македонскиот јазик бил кодификуван во 1945 година и да потврди дека скратеното име Северна Македонија се однесува само на Република Северна Македонија. Дополнително, португалското претседателство им нуди на двете земји и паралелни еднострани декларации со кои ќе се обврзат да го почитуваат Договорот за пријателство.

Според бугарски медиуми, она што за официјална Софија е од старт неприфатливо, е предлогот бугарските барања да се префрлат во рамките на Процесот на стабилизација и асоцијација, а не во Преговарачката рамка како што бара Бугарија. За владата во Софија е недоволна и изјавата за кодификацијата на македонскиот јазик и инсистира да се наведат и „неговите корени“. Бугарија отфрла и учество на странски експерти во работата на мешовитата историска комисија која треба да ги расчисти споровите од двете страни на границата.

„Отворени сме за активен, отворен и полноправен дијалог со Република Северна Македонија и очекуваме нашите најблиски соседи во регионот да работат во духот на искреност и конструктивност“, порача денеска бугарскиот министер Стоев. За Бугарија, дополни тој, клучно е да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи